6 идеи за кето оброци (low carb diet)

Споделете со пријателите

Кетогената диета е начин на исхрана во кој јаглехидратите се сведуваат на минимум. Во таква ситуација телото е на некој начин “присилено” да ја користи енергијата од вишокот складирани масти.

Последица на намалениот внес на јаглехидрати е создавањето на кето тела од масните киселини кои се мобилизираат од масното ткиво кое започнува да се топи. Кето диетата е најчесто практикувана диета од страна на спортисти затоа што со таква исхрана, се зачувува мускулното ткиво, на сметка на топење на масните наслаги.

Повеќе за тоа што претставува кето диетата можете да прочитате тука.

Бидејќи кетогената диета знае да биде еднолична еве неколку интересни предлози за кето оброци:


Кето појадок

Каша со семиња

Состојки:

  • неколку ореви
  • 1 лажица мелен лен
  • 1 лажица чиа семе
  • 150 ml растително млеко – бадемово, кокосово и сл. (домашно подготвено без додатоци, рецепти имате тука)
  • ½ лажичка цимет
  • ½ лажичка стевиа
  • многу малку ванила (по желба).

Подготовка:

Сите состојки измешајте ги заедно и оставете ја кашата околу 1 час за чиа семето и лененото семе убаво да ја впијат течноста. Одозгора можете да декорирате со уште неколку јаткасти плодови.

Омлет со зеленчук

Состојки:

  • ¼ главица кромид
  • 1 лажица маслиново масло
  • околу 200 g спанаќ
  • 3 јајца
  • 50 g младо сирење
  • сол, црн бибер и зачини по желба.

Подготовка:

Во тавче загрејте го маслиновото масло и кратко запржете го кромидот заедно со спанаќот. Кога ќе омекнат тргнете ги на страна па во тавата испржете ги јајцата во форма на палачинка. Потоа во чинија ставете ги палачинка јајцата и врз нив ставете го зеленчукот заедно со ситни коцки младо сирење. Зачинете по желба со малку сол, црн бибер и некои зачини кои вас ви се омилени.


Кето ручек

Бургери од туна и авокадо

Состојки:

  • 1 голема туна
  • 1 авокадо
  • малку рендан пармезан
  • 50 g мелени бадеми (брашно од бадеми)
  • сол, црн бибер и лук во прав

Подготовка:

Во длабок сад измешајте ги заедно туната, авокадото, пармезанот и зачините. Од добиената смеса формирајте топчиња кои ќе ги валкате во бадемовото брашно. Ставете ги на хартија за печење и одозгора попрскајте со малку маслиново масло. Печете ги во загреана рерна на 150-170˚С околу 15-тина минути.

Салата со пршута

Состојки:

  • зелена салата
  • 2 ротквици
  • 1 лажица семки од сончоглед
  • 100 g пршута
  • за дресинг: 1 лажица ладно цедено сончогледово масло, 1 лажичка сенф, малку сол, црн бибер и сок од ½ цеден лимон

Подготовка:

Салатата и ротквиците насечкајте ги на ситно. Одозгора наросете со сончогледовите семки, ставете ја пршутата и прелијте ја салатата со дресингот.


Кето вечера

Пица за 5 минути

Состојки:

за тесто:

  • 2 јајца
  • 2 лажици рендан пармезан
  • 1 лажица псилиум
  • сол и зачини по желба
  • 1 лажичка маслиново масло

за одозгора:

  • 80 g моцарела
  • 1 домат
  • неколку листови свеж босилек

Подготовка:

Во сад помешајте ги сите суви состојки за подготовка на тестото. На крај додајте ги јајцата и добро промешјате. Кога сместа убаво ќе ја соединете, излијте ја на кружна тава за печење и печете како палачинка, малку на едната, малку на другата страна. Кога ќе биде готово, тргнете од оган и наредете ја пицата со домати и моцарела и печете ја многу кратко само колку моцарелата да се растопи.

На крај наросете со малку свеж босилек.

Пилешко со брокули

Состојки:

  • 200 g пилешки стек (секогаш кога купувате месо, трудете се да го знаете изворот, ако можете секогаш бирајте домашно месо)
  • 150 g брокули
  • 1 лажица маслиново масло
  • сол и зачини по желба

Подготовка:

На загреано масло ставете го месото да се испече кратко и од двете страни. Брокулите ставете ги да се варат. Кога малку ќе омекнат тргнете ги од оган и зачинете ги со омилените зачини и малку сол. Сервирајте ги заедно со месото.


Можеби ќе ве интересира:

Вкусен кето оброк: Полнето пилешко со пармезан

Солени кето мафини

Кето вечера: Свежа салата со семиња и јајце

Здрави мафини со капини без шеќер

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *