7 дена здрав појадок – Ден 1

Споделете со пријателите

Започнуваме предизвик – 7 дена здрав појадок. Во текот на следните 7 дена ќе ве инспирираме секој ден да го започнете со здрав и хранлив појадок кој ќе ви даде енергија и хранливи нутрититенти за целиот ден.

Ви звучи примамливо?

Епа да започнеме, понеделник е убав ден за промени!


Ден 1

Авокадо со јајце

Зошто авокадо за појадок?

Авокадото е богато со мононезаситени масти, растителни влакна, витамини (А, Е и К) и многу минерали (железо, бакар, магнезиум и манган). Во авокадото исто така се наоѓа и голема концентрација на танини кои се познати по своите антивоспалителни, антиоксидантни и антиулкусни својства. Во мала концентрација се наоѓаат и флавоноиди кои спаѓаат во групата на полифенолни антиоксиданси кои штитат од слободните радикали. Авокадо е и многу добар извор на калиум важен за регулација на работата на срцето и одржување на нормални вредности  на крвениот притисок.

Јајцата од друга страна содржат многу малку калории и се одличен извор на протеини, витамини, минерали и здрви масти.

Комбинацијата од авокадо и јајце е калорична, но не содржи јаглехидрати и е одлична доколку сакате да се придржувате кон кето начинот на исхрана кој гарантира сигурно слабеење. Повеќе за кето исхраната прочитајте тука.

Овој појадок содржи од 250-300 калории во зависност од големината на авокадото и јајцето. Здравите масти ќе ве одржат сити подолго време и нема да предизвикаат нагло покачување на инсулинот, a тоа ќе ви помогне доколку имате чести напади на глад и потреба постојано да грицкате.

Потребни состојки:

  • 1/ 2 авокадо
  • 1 јајце
  • 1 домат
  • малку сол и црн бибер.

Начин на подготовка:

Пресечете го авокадото на половина и извадете му ја семката. Во дупчете кај што беше семката скршете го и ставете го јајцето. Доколку семката е мала и дупчето е помало извадете со лажица малку од авокадото. Одозгора посолете со сол и малку црн бибер.

(другата половина авокадо што ќе ви остане, чувајте ја за следниот ден)

Авокадото заедно со јајцето ставете го во некој сад за да биде стабилно и ставете го во рерна на 180°С да се пече околу 20-тина минути.

Комбинирајте го овој здрав кето појадок  со свеж домат.

На здравје 🙂

Овој рецепт е предлог од Елена Ѓорѓиевска.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *