7 дена свежи салати – Ден 1

Започнуваме 7 дневен предизвик со свежи сезонски салати. Целта на овој предизвик е пост-празнична детоксикација. Се што треба да направите е вечерата овие 7 дена да ја замените со свежа салата. Секој ден ќе се потрудиме салатата да биде различна, но подготвена со продукти кои можете да ги најдете во зимски услови на пазар или во маркет.

Ви звучи примамливо?

Епа да започнеме, понеделник е убав ден за промени!


Ден 1

Зелена чинија полна здравје

За денес избравме полна чинија зелен лиснат зеленчук. Ја избравме оваа зелена варијанта токму поради детоксикациската моќ што ја има зелениот лиснат зеленчук. Освен тоа содржи многу малку калории, а многу витамини и многу минерали. Еве го нашиот предлог:

Потребни состојки:

  • неколку листови зелена салата (марула)
  • неколку листови спанаќ
  • неколку листови рукола
  • 1 младо кромидче
  • 1 црвена ротквица
  • 1 морков со средна големина
  • сок од половина лимон
  • маслиново масло и сол

Начин на подготовка:

Зеленчукот убаво измијте го и насечкајте го на ситно, морковот изрендајте го. Зачинете ја салатата со сокот од лимон, со маслиновото масло и со малку сол.

Обидете се оваа здрава детоксикациска салата да ви биде здрава замена за вечера. Можеби кратко после тоа ќе добиете напад за глад, но исконтролирајте се затоа што и на телото и на цревата понекогаш им треба одмор. Оваа салата е богата со витамин Ц, со железо, со фолна киселина и со многу хлорофил така што многу поволно делува врз целокупното здравје.

Незнам дали тоа е доволно да ве убедиме да започнете, но чувството на леснотија и повеќе енергија веќе од следниот ден сигурни сме дека ќе ве натера да продолжите.

Одете до маркет да го купите тоа што ви фали за салатата и зафатете се со работа 🙂

Утре продолжуваме со нова рецепта 🙂

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *