Нашиот предизвик продолжува, веќе сме на половина од неделата. Ако сеуште не ни се придруживте не е доцна, започнете денес па деновите кои сте ги пропуштиле надокнадете ги на крај. Во прилог рецептот за денес.
Ден 4
Богата салата со брокула и индиски ореви
Брокулата ја избравме поради нејзината висока нутритивна вредност. Една порција варена брокула (156 грама) содржи 1 mg железо, што е 6% од препорачаната дневна доза. Исто така брокулата содржи и витамин Ц, кој му помага на организмот во подобро искористување на железото. Брокулата е богата и со нерастворливи растителни влакна и витамин К.
Брокулата содржи многу малку калории, само 34 на 100 g.
Овој зеленчук е уникатен според своите хранливи карактеристики, но и според начинот на кој помага во превенција од болести и одржувањето на доброто здравје.
Потребни состојки:
- 200 g варена брокула (за да ги искористите сите хранливи благодети на брокулата најдобро е да се јаде варена или подготвена на пареа)
- 3-4 листови кинеска зелка
- малку црвена зелка
- 1/2 главица кромид
- 30 g индиски ореви
- маслиново масло, сол и црн бибер.
Начин на подготовка:
Брокулата варете ја само 2-3 минутки, потоа измијте ја со ладна вода па насечкајте ја на ситни парченца, кинеската и црвената зелка ситно насечкајте ги, кромидот насечкајте го на кругови. На крај измешајте се заедно, додадете ги индиските ореви, маслиновото масло и зачинете по желба.
Ако сакате да се приклучите кон предизвикот рецептите од другите три дена пронајдете ги тука.