7 намирници против констипација

Проблемот со тешко празнење на цревата е еден од главните проблеми на денешницата. Причината за тоа е седечкиот и неактивен начин на живот како и лошата, нездрава и нередовна исхрана. Констипацијата е проблем кој може да се јави во било кој период од животот иако најмногу се јавува кај повозрасните луѓе над 65 години. Констипацијата може да биде акутна доколку трае помалку од две недели или хронична ако трае повеќе од еден месец. Редовно празнење на цревата е еднаш дневно иако за нормално се смета и од 3 до 5 пати неделно.

Доколку констипацијата е проблем кој ве мачи подолго време пробајте да го промените начинот на живот. Тоа во прв план подразбира промени во исхраната, односно вклучување на одредени намирници кои имаат моќ да ја забрзаат перисталтиката или пак да апсорбираат повеќе вода во цревата што придонесува за зголемување на волуменот на столицата и полесно празнење.

Во продолжение намирници кои можат да ви помогнат доколку имате проблеми со тешко празнење на цревата.

Сок од лимон

Сокот од лимон го поттикнува лачењето на жолчните соли и го подобрува варењето. Исто така консумирањето на сокот од лимон на гладен стомак ќе ви помогне во ослободување од токсините и забрзување на перисталтиката на цревата.

Практикувајте секое утро да пиете чаша свежо цеден сок од лимон со вода. Тоа ќе ви помогне не само доколку имате констипација туку ќе ви го зајакне и имунитетот  и целокупното здравје.

‘Ржан леб од цело зрно

Многу истражувања укажуваат на фактот дека ржаниот леб од цело зрно многу помага во празнењето на цревата споредено со лебот од бело пченично брашно. Причината за тоа е што лебот од цело зрно содржи многу нерастворливи растителни влакна (целулоза) кои апсорбираат голема количина на течност во цревата со што се зголемува волуменот на столицата и се олеснува празнењето.

Предлог појадок: Интегрален сендвич со путер од кикиритки и банана.

Ленено семе

Лененото семе содржи растителни влакна, омега-3 масни киселини и магнезиум кои синергистични делуваат многу лаксативно. Меѓутоа за да ги искористите сите хранливи состојки на лененото семе подобро е да го консумирате мелено.

Консумирајте го лененото семе наутро во својата овесна каша или смути или пак посипете си на врз овошна салата.

Предлог појадок: Овесни снегулки со семиња и јаболко.

Пробиотици

Јогурт, кефир и сите останати млечни производи кои содржат бактериски култури ја подобруваат цревната флора и помагаат доколку имате проблеми со констипација.

Јогуртот кој е збогатен со пробиотици ја забрзува перисталтиката и го олеснува движењето на храната низ цревата, затоа вклучете го јогуртот или кефирот во секојдневната исхрана.

Предлог појадок: Овошна салата со јогурт.

Вода

Многу луѓе кои имаат проблеми со тешко празнење на цревата посегнуваат по храна богата со нерастворливи растителни влакна, но оваа храна е само половина од работата. Доволниот внес на вода е суштински значаен затоа што механизмот на дејство на влакната е така што тие апсорбираат вода и ја зголемуваат содржината на столицата што го олеснува празнењето. Затоа доколку јадете многу овошје и зеленчук и храна богата со растителни влакна, не заборавајте на водата!

Можеби ќе ве интересира: Знаци кои покажуваат дека не пиете доволно вода.

Киви

Постои истражување во кое испитаниците кои јаделе по 1 до 2 киви на ден успеале да ја намалат употребата на лаксативи и редовно да ги празнат цревата. Оваа вкусна тропска овошка можете да ја консумирате во утринското смути или во овесната каша.

Суви сливи

Сувите сливи содржат во себе многу сорбитол и растителни влакна и поради тоа имаат изразен лаксативен ефект. Можете да ги јадете индивидуално, да ги употребите во своето смути или во овесната каша.

Наш предлог: Бомбици со суви сливи за подобра дигестија.

Освен исхраната не заборавајте дека и физичката активност може многу да помогне. Започнете да се занимавате со некој спорт рекреативно, одете во теретана, запишете се на некоја групна фитнес активност (аеробик, пилатес, зумба), пешачете, трчајте…

Било која физичка активност и раздвижување помага во зголемување на моталитетот на цревата и подобрување на дигестијата.

Можеби ќе ве интересира: Утрински напиток за чистење на дебелото црево.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *