7 дена свежо цедени сокови – Ден 2

Споделете со пријателите

Нашиот предизвик продолжува, ако вчера успеавте денот да го започнете со свежо цеден сок, тогаш продолжете го тоа и денес.

За оние кои денес дознавате за предизвикот, проверете го рецептот од вчера и слободно вклучете се (7 дена свежо цедени сокови – Ден 1).


Ден 2 – Црвен микс за подобра крвна слика

За денес имаме друг одличен рецепт за подобрување на крвната слика. Овој напиток е одличен доколку често имате проблеми со анемија и ниско железо во крвта или пак сте бремени. Содржи многу железо, но и витамин Ц кој ја потпомага и олеснува апсорпцијата на железото.

Одлична комбинација на состојки за убав старт на денот.

Цвеклото покрај железо и витамин Ц, содржи и фолати, магнезиум и калиум.

Од друга страна пак лимонот содржи уште поголем процент на витамин Ц кој е моќен антиоксиданс (еден лимон дневно задоволува 50% од дневните потреби за витамин Ц), супстанците диосмин и хесперидин кои се наоѓаат во лимонот помагаат за намалување на вкупниот холестерол во крвта, лимонот го прочистува црниот дроб и помага за алкализирање на телото.

Аронијата е богата со антиоксиданси, флавоноиди, минерали во трагови, фолна киселина и витамини Б, Ц и Е. Поради високата концентрација на антиоксиданси и витамин Ц и Е, аронијата делува антивирусно, антибактериски и антивоспалително. Аронијата е богата и со антоцијани (антиоксиданси) кои го зајакнуваат имунитетот, го намалуваат ризикот од рак и го успоруваат стареењето.

Праската пред се содржи бета-каротен кој во телото се конвертира во витамин А, и таа содржи витамин Ц и е одличен чувар на нашиот имунитет.

Потребни состојки:

  • 1 цвекло
  • 1 лимон
  • 1 праска
  • неколку зрна аронија
  • вода
  • коцки лед (по желба).

Начин на подготовка:

Најпрвин излупете ги цвеклото и лимонот, а од праската издвојте ја семката. Ставете ги сите состојки во соковник.

Од наведената количина на намирници ќе добиете нешто повеќе од 200 ml концентриран сок.  Ставете го концентрираниот сок во поголема чаша или во шише и дополнете со уште 200 или 300 ml вода. По желба додадете и неколку коцки лед.

Уживајте во утрото!

Можеби ќе ве интересира: 10 корисни намирници богати со железо

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *