7 дена свежо цедени сокови – Ден 5

Нашиот предизвик продолжува, ако вчера успеавте денот да го започнете со свежо цеден сок, тогаш продолжете го тоа и денес.

За оние кои денес дознавате за предизвикот, проверете ги рецептите од претходните четири дена и слободно вклучете се (Ден 1/ Ден 2/Ден 3/Ден 4).


Ден 5 – Хидрирачки детокс микс   

За денес имаме одлична комбинација на намирници кои соединети во еден напиток овозможуваат одлична хидратација и детоксикација за цел ден.

грејпфрут – содржи супстанца нарингенин (флавоноид) кој е моќен антиоксиданс, покрај антиоксидативните својства има и дополнителна моќ да го поттикнува црниот дроб да ги разградува мастите, но исто така нарингенинот од грејпфрутот помага и за зголемување на осетливоста на инсулин и намалување на нивото на глукоза во крвта.

нане – во поголема концентрација содржи витамин А и масло од пеперминт, освен што дава одлична арома нането е најдобар пријател на дигестивниот тракт, помага за намалување на подуеноста и го подобрува варењето на храната.

краставица – содржи витамин Ц, но во помали количини ги содржи и сите витамини од групата Б, од минералите краставицата содржи фосфор, калциум, железо, манган, јод и калиум, краставицата помага за полесно исфрлање на водата и токсините од телото.

ѓумбир – содржи супстанца гингерол која е моќен антиоксидансен и антиинфламаторен агенс, ѓумбирот ја подобрува дигестијата, го намалува холестеролот и го забрзува топењето на масните наслаги.

Потребни состојки:

  • 1 грејпфрут
  • ½ краставица
  • листови свежо нане
  • малку свеж ѓумбир
  • вода
  • коцки лед (по желба).

Начин на подготовка:

Најпрвин излупете ги грејпфрутот, краставицата и коренот од ѓумбир. Ставете ги сите состојки во соковник.

Од наведената количина на намирници ќе добиете нешто повеќе од 200 ml концентриран сок.  Ставете го концентрираниот сок во поголема чаша или во шише и дополнете со уште 200 или 300 ml вода. По желба додадете и неколку коцки лед.

Уживајте во утрото!

Можеби ќе ве интересира: 7 дена свежи салати.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *