7 дена свежо цедени сокови – Ден 3

Нашиот предизвик продолжува, ако вчера успеавте денот да го започнете со свежо цеден сок, тогаш продолжете го тоа и денес.

За оние кои денес дознавате за предизвикот, проверете ги рецептите од претходните два дена и слободно вклучете се (Ден 1/ Ден 2).


Ден 3 – Детокс микс за летно прочистување

За денес имаме одличен рецепт за летно прочистување на телото. Комбинацијата на лимон, ѓумбир, зелено јаболко и блитва е одлична за почеток на енергичен и свеж ден.

лимон – содржи голем процент на витамин Ц кој е моќен антиоксиданс (еден лимон дневно задоволува 50% од дневните потреби за витамин Ц), супстанците диосмин и хесперидин кои се наоѓаат во лимонот помагаат за намалување на вкупниот холестерол во крвта, лимонот го прочистува црниот дроб и помага за алкализирање на телото.

ѓумбир – содржи супстанца гингерол која е моќен антиоксидансен и антиинфламаторен агенс, ѓумбирот ја подобрува дигестијата, го намалува холестеролот и го забрзува топењето на масните наслаги.

јаболко – содржи висок процент на витамин Ц, полифеноли, како и растителни влакна, сокот од јаболка е одличен за хидратација и детоксикација, го зголемува имунитетот и го чува телото од инфламаторни болести.

блитва – богата е со фолати, витамин А, витамин Ц и магнезиум, содржи и добар процент на железо, па затоа се препорачува да ја консумираат оние кои имаат проблеми со анемија.

Потребни состојки:

  • 1 лимон
  • 1 зелено јаболко
  • малку свеж корен од ѓумбир
  • неколку листови свежа блитва
  • вода
  • коцки лед (по желба).

Начин на подготовка:

Најпрвин излупете го лимонот, јаболкото пресечете го на половини или пак на четвртини, коренот од ѓумбир излупете го. Ставете ги сите состојки во соковник.

Од наведената количина на намирници ќе добиете нешто повеќе од 200 ml концентриран сок.  Ставете го концентрираниот сок во поголема чаша или во шише и дополнете со уште 200 или 300 ml вода. По желба додадете и неколку коцки лед.

Уживајте во утрото!

Можеби ќе ве интересира: Предизвик – 7 дена здрав појадок 

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *