8 намирници кои можете да ги јадете секој ден

Спанаќ, јогурт, домати, боровинки…

Подготвивме листа на здрави намирници кои можете да ги јадете секојдневно без грижа на совеста.

1. Спанаќ

Спанаќот е одлична нутритивно вредна намирница. Богат е со железо, омега-3 масни киселини, но и со фолна киселина. Помага за превенција на болести на кардиоваскуларниот систем, кај анемии, и за остеопороза.

Поради железото и фолната киселина кои ги содржи, спанаќот им се препорачува на бремени жени.

Овој зелен лиснат зеленчук можете да го искористите за да направите вкусна зелена салата (рецепт), да го искористите за подготовка на смути (рецепт), да направите вкусна пита со спанаќ (рецепт) или едноставно да го додадете во вашиот омлет.

2. Јогурт

Корисните пробиотски бактерии кои ги содржи јогуртот го прават одлична намирница за оптимално здравје на дигестивниот тракт. Јогуртот помага за подобрување на имунитетот и за подобрување на варењето на храната.

Јогуртот можете да го јадете како додаток со било кое јадење, но можете да го искористите за да си направите и овошен јогурт.  

Наш предлог: Здрав и сочен колач со јогурт и јагоди.

3. Домати
Доматите се богати со моќниот антиоксиданс ликопен кој ги чува клетките од слободните радикали и од оксидативен стрес што може да биде причина за канцерогени заболувања.

Доматите е најдобро да ги јадете како свежа салата со било кој оброк.

4. Моркови

Морковот е нутритивно вредна намирница која е богата со многу витамини и минерали, но пред се со каротенотиди (витамин А). Овој витамин е важен за здравјето на очите, но исто така претставува и многу силен антиоксиданс, што го прави моќен агенс против канцерогени заболувања.

Морковот можете да го јадете како салата или пак да го додадете во било каква манџа, можете дури и да направите вкусен десерт со морков.

Наш предлог: Овесен колач со фил од моркови и јаболка.

  1. Боровинки

Боровинките се богати со влакна, витамин А и Ц, но и со многу антиоксиданси. Овие мали вкусни овошки имаат неверојатни антиоксидативни својства и се супериорни во тоа дејство во однос на сите други намирници.

Бидејќи сезоната на боровинки е само во лето, слободно купете поголема количина и замрзнете ги.

Користете ги да го збогатите вашето смути или пак да си подготвите некој вкусен и здрав десерт.

Наш предлог: Здрав антиоксидантен чоколаден колач со боровинки.

6. Грав

Гравот е богат со протеини и влакна и е одличен за целокупното здравје, содржи и витамини и тоа фолна киселина, тиамин, пиридоксин (Б6), витамин К, рибофлавин (Б2), пантотенски киселини (Б5) и ниацин (Б3).

Гравот има многу малку калории и неутрален вкус кој може да се комбинира со голем број намирници и зачини.

7. Ореви

Оревите се богати пред се со омега-3 масни киселини, но содржат и големо количество на витамин Е како и магнезиум, витамин Б6 и железо.

Можете да ги консумирате секојдневно, но внимавајте да не претерате затоа што содржат повеќе од 600 калории во 100 g.

Наш предлог за вкусен десерт: Здрави чоко топчиња со ореви

8. Овес

Овесот е одлична намирница богата со магнезиум, железо, витамин Б6 и калциум. Овесот помага за намалување на шеќерот и холестеролот во крвта, го олеснува празнењето на цревата и го подобрува имунитетот.


Овесот можете да го консумирате на многу начини.

Наши предлози:

Овесна каша со какао и кајсии

Здрави палачинки со банана и овесни снегулки

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *