Алергија vs. нетолерантност на храна

Споделете со пријателите

Овој текст го пишувам затоа што искуствено сфаќам дека многу од луѓето не прават разлика помеѓу нетолерантност на храна и алергија на храна, иако станува збор за два сосема различни поими од кои едниот може да биде навистина живото-загрозувачки.

Некои од симптомите на нетолерантност на храна и алерија се слични, но разликите помеѓу нив се многу важни и значајни. Ако јадете храна кон која имате одредена нетолерантност, ќе се чувствувате лошо, но ако посегнете по храна на која имате вистинска алергија, тоа може да биде и фатално доколку не се реагира навреме.

Дигестивниот vs. имуниот систем

Нетолерантноста на храната е поврзана со дигестивниот систем, таа се јавува кога постои недостаток од одреден ензим кој е неопходен за дигестија на храната (за апсорпција на нутритиенти потребно е тие да бидат разградени до најмали структурни единици, за јаглехидратите тоа се простите шеќери како глукоза, фруктоза, галактоза и слично, за мастите, масните киселини, а за протеините, аминокиселините). Најчесто нетолерантноста се јавува како резултат на целосен или делумен недостаток од одреден ензим. Може да се случи вашето тело да продуцира одреден ензим, но не во доволна концентрација така што консумирањето на мали количини од одредена храна нема да предизвикаат штетни ефекти, но поголеми количини можат да предизвикаат сериозни проблеми со дигестијата. Најчест пример за нетолерантност е нетолерантноста на лактоза која се јавува како резултат на дефицит на ензимот лактаза кој е неопходен за дигестија на лактозата до галактоза и глукоза. Лактозата од млекото може да се апсорбира и искористи од телото само доколку се разгради до основните градбени единици галактоза и глукоза, при недостаток на ензим лактаза, лактозата останува во гастроинтестиналниот тракт и предизвикува да се јавува тоа чувство на мачнина, гасови, повраќање или гадење.

Покрај млекото нетолерантноста најчесто може да се јави и од брашно, глутен, јајца и кафе.

Алергија на одредена храна е реакција која го вклучува имуниот систем и е нешто многу поразлично од нетолерантност. Имуниот систем е нашата “одбрана”, замислете го како војска која има за задача да не брани од штетните агенси од надворешната средина. Пример, ако имате алергија на кравјо млеко, вашето тело го третира кравјото млеко како штетен надворешен агенс и реагира со продукција на имуноглобулини (IgE). Овие имуноглобулини се врзуваат за маст клетките и предизвикуваат ослободување на хистамин, а хистаминот е одговорен за алергиските знаци и симптоми кои се јавуваат.

За разлика од нетолерантноста, алергијата на храна може да предизвика сериозни живото-загрозувачки последици, па дури и смрт доколку се јави анафилакса и не се третира навреме со соодветна адреналинска терапија.

Доколку имате алергија на некоја храна и многу мали количини, дури трагови од одредена храна можат да предизвикаат сериозни последици, а кога се работи за нетолерантност границата е широка, па консумирањето на мали количини од одредена храна кон која имате нетолерантност нема да предизвика несакани ефекти.

Анафилаксата е сериозна алергиска реакција која настанува многу брзо. Симптомите на анафилакса вклучуваат потешкотии со дишењето и губење на свеста. Доколку не се реагира веднаш со адреналинска терапија, анафилаксата може да резултира со смрт.

Алергијата на храна најчесто се јавува како резултат на пречувствителност од страна на организмот кон одредени состојки во храната, најчесто протеините. Храна која има најголема алергеност е следната: морски плодови, јаткасти плодови, риба, јајца, кикиритки и млеко.

Целијакија (алергија на глутен) vs. нетолерантност на глутен

И овие два поими се поистоветуваат иако се сосема различни, но после текстот погоре претпоставувам дека ја сфаќате разликата. Целијакијата е имуно посредувана реакција каде имуноглобулините ги напаѓаат цревните ресички со што се нарушува интегритетот на гастроинтестиналниот тракт. Тоа може да предизвика сериозни нарушувања со апсорпцијата на одредени нутритиенти и да доведе до сериозни здравствени последици како малнутриција и потхранетост. Пациент кој има целијакија реагира и на многу мали количини на глутен.

Нетолерантноста на глутен е позната и како не-целијачна глутенска сензитивност и тука проблемот е ензимски, односно недостасува ензим кој е одговорен за дигестија на глутенот.

Симптомите можат да бидат слични, но сепак доколку сте нетолерантни на глутен и земете мала количина на храна во која има глутен нема да имате сериозни последици.


Можеби ќе ве интересира:

7 дневен предлог план за здрава исхрана

Водич за правилна исхрана

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистар по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *