Baby бисквит – одлични за мали рачиња

Споделете со пријателите

Заради маџунот и какаото согласно одредени препораки овие бисквити би ги класифицирала 12+ месеци. Но, би можеле да се модифицираат и да се направат и за помали бебиња.

Мојата ќерка моментално е 10 месеци, но маџун веќе и дадов, а какао прв пат и дадов со овие бисквити и помина без било каква реакција.

Сепак какаото може воопшто и да не се става, а и маџунот може да го изоставите затоа што овошјето сепак ќе даде блага нота.

Состојки:

  • 50 g пченични никулци
  • 50 g овесни снегулки
  • 50 g интегрално пченично брашно
  • 1 лажичка органско какао
  • 100 g пире од јаболка (може и од банана или тиква)
  • 2 лажици маџун
  • 1 жолчка
  • ½ прашок за пециво
  • 30 g путер (стопен на пареа).

Начин на подготовка:

Пченичните никулци, овесните снегулки, интегралното пченично брашно, какаото и прашокот за пециво ги ставив во блендер и убаво ги соединив, се доби баш убава брашнеста смеса.

Во друг сад ги измешав заедно жолчката, пирето од јаболка, маџунот и стопениот путер. На крај двете смеси убаво ги соединив и ја оставив смесата во фрижидер околу 30-тина минути.

После 30 минути во фрижидер формирав форми, некои ги направив во форма на кружни колачиња, а некои ги направив како стапчиња за да може бебе само да си ги држи.

Ги печев на тивко на околу 130˚С 12-тина минути, на хартија за печење за да не се лепат. Проверувајте ги да не прегорат, затоа што сепак се за бебе и треба да бидат помеки.

Можете да му ги давате и така без ништо на вашето малечко, да си ги грицка за ужинка, а можете да ги комбинирате и со овошје, јогурт или кисело млеко за појадок или вечера.

Еве предлог две комбинации кои јас ги дадов:

вечера – овошен јогурт со кисело млеко, ½ банана, боровинки и 2 бисквити (овошниот јогурт и го давав со лажица, а бисквитот си го грицкаше)

појадок – парче авокадо, слива, крушка и 1 бисквит (овошките на парченца, а бисквитот во раче).

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *