Како да подготвите бадемово, кокосово и оризово млеко

Бадемово млеко 

Потребни состојки:

  • 100 g бадеми
  • 350 ml вода
  • ванила и мед (по желба)

Бадемите ги ставате во сад и ги прелевате со водата, оставете ги да стојат преку ноќ (8-12 часа). Наредниот ден омекнатите бадеми заедно со водата ги блендирате и потоа процедувате. На бадемовото млеко по желба можете да му додадете и ванила и мед. Остатокот од бадемите не ги фрлајте, искористите ги за подготовка на овесна каша.

Кокосово млеко 

Потребни состојки:

  • 100 g кокосово брашно
  • 350 ml зовриена вода
  • 1 мала лажичка мед
  • малку ванила

Кокосовото брашно го прелевате со зовриената вода и оставате да стои 2 часа, потоа процедувате и по желба додавате мед и ванила.

Оризово млеко 

Потребни состојки:

  • 100 g ориз
  • 1 L вода
  • мед и ванила (по желба)

Оризот и водата ги ставате на оган и варите додека оризот не омекне. Потоа изблендирајте и оставете да исталожи па процедете. По желба додајте мед и ванила.

Доколку спаѓате во групата на луѓе кои не поднесуваат лактоза, сите горе наведени млека се одлична замена. Исто така сите се богати со витамини и минерали и не содржат вештачки додатоци. Бадемовото млеко содржи Витамин Е, манган, селен, магнезиум и калциум. Кокосовото млеко е богато со лауринска киселина која има голем антиоксидативен потенцијал. Оризовото млеко споредено со кравјото има многу повеќе јаглехидрати, но воопшто не содржи холестерол.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *