Безглутенски колач со сливи

Искрено јас немам ништо против глутенот и луѓе кои немаат алергија и интолеранција нема зошто да не го внесуваат.

Колачот го направив за другарка која има алергија на глутен, па сакав да ја изненадам 😊

Сепак, финалниот резултат беше феноменален иако се плашев дали воопшто ќе личи на нешто.

Го споделувам со вас, затоа што тоа ми е начин и јас сама да си го зачувам рецептот.

Ретко ми се случува да повторам рецепт, едноставно сакам да си играм со намирниците и секогаш додавам или одземам нешто во рецептите.

Пред да ви го споделам рецептот сакам да ви објаснам малку за глутенот.

Глутенот е комбинација од два протеини глутенин и глијадин кои најмногу ги има во пченицата. Во присуство на вода овие протеини се врзуваат и се вмрежуваат и формираат глутен што му дава воздушеста структура на лебот и прехранбените производи кои се направени со брашно од пченица, ‘рж, јачмен или овес.

Глутенот е зборуван многу во последно време затоа што кај многу луѓе овој протеин предизвикува активација на несоодветен имун одговор (алергија) што води до појава на болест наречена целијакија. Кај луѓе кои ја имаат оваа состојба внесувањето на глутен предизвикува синтеза на антитела кои ги уништуваат црвените ресички, што може да предизвика сериозни нарушувања со апсорпцијата на одредени нутритиенти, витамини и минерали.

Доколку луѓето кои имаат алергија на глутен не внесуваат глутен, цревните ресички се обновуваат и таквите пациенти можат нормално да функционираат.

Друга состојба која е асоцирана со глутенот е нетолерантност на глутен, и тоа не е исто со алергија и не е поврзано со имуниот одговор на организмот. Интолерантност значи неможност за дигестија до најмали структурни единици кои како такви можат да бидат апсорбирани од нашиот гастроинтестинален тракт.

Интолерантноста најчесто се јавува како резултат на дефицит на ензим кој е одговорен за дигестија и многу често е генетска состојба.

Доколку не спаѓате ни во едната ни во другата група, нема причина зошто да не внесувате глутен.

Колачот е безглутенски и се надевам дека на оние кои имаат реален проблем ќе им даде идеја за некој десерт, а и тие кои немате проблем можете да си го направите затоа што е предобар 😊

Јас ќе го правам пак сигурно 😊

Состојки:

  • 150 g просо
  • 150 g киноа
  • 3 лажици кафеав или кокосов шеќер
  • 1 прашок за пециво
  • 3 лажици мелени семиња (сончоглед, тиква, ленено семе и сусам) потопени во вода околу 5-10 минути
  • 1 јајце
  • 50 g путер
  • 2 лажици џем од сливи (може и од друго било кое овошје, мојот џем е без шеќер)
  • 15-тина свежи сливи исчистени од семка и насечкани на коцки.

Начин на подготовка:

Најпрвин од зрната просо и киноа направив брашно. Значи не ги варев туку ги ставив во блендер дури не се доби убава прашката содржина. Нема да добиете скрос ситен прашок, но сепак самата смеса ќе биде хомогена и ситна и ќе наликува на брашно. Во таа смеса ги додадов шеќерот и прашокот за пециво и убаво ги соединив сите состојки.

Во друг сад ги измешав заедно мелените семиња кои претходно кратко ги покиснав во вода, јајцето, путерот кој го стопив на пареа и џемот од сливи. За да не се мачам да мешам ги соединив со блендер.

На крај двете смеси: сува и течна ги соединив и им ги додадов парчињата сливи. Ова може да се направи и со друго овошје, како јаболка, малина, вишна и слично. Но, сега бидејќи е сезона на сливи баш убаво се вклопија во целиот десерт. Дополнително сливите се благи па го прават колачот вкусен, сочен и сладок.

Одозгора декорирав со путер од кикиритки, кокосов чипс и бадеми.

На здравје!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *