Бомбици со суви сливи и лен за подобра дигестија

Споделете со пријателите

Готвењето е уметност, a храната не е само извор на калории – таа помага во обновување на ткивата и во превенција од болести. Подготовката на здрав, хранлив оброк не мора да биде долготрајна, напорна ниту комплицирана работа, потребна е само желба и малку слободно време.

Здравиот десерт кој решивме денес да го споделиме со вас може да ви биде и одлична замена за појадок, две од овие вкусни и здрави бомбици се доволни да ве наполнат со утринска енергија. Подготовката ќе ви одземе само 15-тина минути, а ќе имате здрав појадок за цела недела.

Потребни состојки за подготовка на 14 бомбици:

  • 200 g суви сливи без семка (киснати во вода 30 минути)
  • 100 g мелени бадеми или лешници
  • 50 g мелено ленено семе
  • 50 g чија семе
  • 50-70 ml ладно нескафе подготвено со 1 мала лажичка кафе и вода
  • 1 супена лажица кокосово масло
  • 2-3 супени лажици овесни снегулки (на крај за да ги извалкате бомбиците во нив)

Начин на подготовка:

Сувите сливи задолжително оставете ги да накиснат 30 минути во вода па потоа фрлете ја водата. Во сецко ставете ги сливите и изблендирајте ги убаво. Потоа во подлабок сад ставете ги изблендираните сливи, додајте ги мелените бадеми или лешници, меленото ленено семе, чија семето, ладното нескафе и кокосовото масло. Убаво со голема лажица мешајте дури смесата не се изедначи. Потоа формирајте топчиња и валкајте ги во овесните снегулки.

Од оваа смеса ќе добиете околу 14 бомбици, тоа е доволно секое утро во текот на една недела да јадете по две. Одлични се за појадок затоа што се полни со многу нерастворливи растителни влакна. Две бомбици содржат околу 20 g влакна, што задоволува 2/3 од дневните потреби и обезбедува оптимална работа на дигестивниот тракт и полесно празнење на цревата. Гледано од калориски аспект една бомбица соджи околу 115 калории и само 6 g шеќер.

Ако сакате да внимавате на линијата и конечно да направите нешто за своето здравје, одете во кујната и зафатете се со работа 🙂

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *