Чоколадни ресана барови

Споделете со пријателите

Ми тргна со чоколадните барови.

После Брауни баровите со малина и јагоди добив инспирација и за ресана барови. И баш сум задоволна од резултатот, излегоа подобри од што ги замислував. И еве веќе трети пат како се враќам до кујна да си земам уште едно, се надевам последно 🙂

Потребни состојки:

прв слој:

  • 2 чаши овесни снегулки (чашата ми беше од 200 ml)
  • 1 чаша кокосово брашно (јас користев баш брашно, но може и кокосови трошки)
  • 1 чаша овесно или било какво млеко
  • 50 g темно чоколадо
  • 50 g интегрален сусам (тостиран за поинтензивен вкус)
  • ½ замрзнат па изрендан портокал (со кора)
  • 2 лажици путер од кикиритки
  • 2 лажици мед

втор слој:

  • 3 лажици путер од кикиритки
  • изрендана другата половина од замрзнатиот портокал
  • 1 лажица мед.

последен слој (чоколадна глазура)

  • 150 g темно чоколадо стопено со малку кокосово масло

Начин на подготовка:

Овесните снегулки и кокосовото брашно ставете ги во блендер за убаво да се соединат, но и самите овесни снегулки да се направат повеќе прашкасти. Чоколадото стопете го и заедно со сите други состојки потребни за првиот слој измешајте се заедно. Содржината натапкајте ја во сад в кој планирате да ги правите баровите, но задолжително на хартија за печење за да можете потоа лесно да ги одлепите.

Портокалот пред  да го ставам да се замрзне убаво го измив и го ставив да стои во вода со сода бикарбона 10-тина минути.

Садот кој јас го користев е коцкаст (22×22 cm). Внимавајте ако изберете многу голем сад баровите ќе бидат тенки, а ако изберете мал ќе бидат многу високи.

За подготовка на вториот слој измешајте ги заедно путерот од кикиритки, медот и изренданата половина од портокалот. Излијте ја содржината врз првиот слој и оставете во замрзнувач да се стегне. Кога ќе биде готово извадете и исечете барови во големина во која вие сакате. Јас ги правев правоаголници.
Стопете го чоколадото со малку кокосово масло, јас користев плус и какао путер, но не е задолжително. Во чоколадната глазура валкајте го секој бар и оставете ги пак во фрижидер да се стегнат.

Чувајте си ги во замрзнувач, така се некако ледени и многу неодоливи.

Прав погодок се, не сум сигурна дали сликата доволно зборува за тоа колку се вкусни 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *