Чоколадно-овошна роденденска торта (без печење)

Споделете со пријателите

Кога си докажан со здравите десерти, а има повод мораш да се докажеш уште повеќе 😊

Оваа торта беше мојот роденденски подарок за 29-тиот роденден на маж ми, направена од срце и со љубов.

Крајниот резултат беше совршено, здраво и слатко роденденско задоволство.

Потребни состојки:

основа:

  • 200 g непечени бадеми
  • 100 g овесни снегулки
  • 100 g урми (киснати во вода барем 2 часа)
  • 2 лажици кокосово масло

чоколаден фил:

  • 250 g овесни снегулки
  • 50 g чиа семе
  • 600 ml вода
  • 1 лажица какао
  • 2 лажици кокосово масло
  • 3 лажици мед
  • 100 g темно чоколадо (ако сакате да биде поблага можете да ставите и повеќе чоколадо)
  • 3 лажици путер од јатки (јас ставив од лешник, но може било каков)

овошен фил:

  • 100 g непечени индиски ореви (киснати во вода минимум 2 часа)
  • 3 лажици кокосово масло
  • 3 лажици чиа семе
  • 200 g боровинки (може замрзнати или свежи, но може и било кое друго овошје)
  • 2 лажици мед
  • 1 банана.

Начин на подготовка:

За подготовка на основата најпрвин непечените бадеми ги ставив во рерна малку да се исушат, па кога се изладија ги изблендирав. Така добија убава арома и основата имаше одличен вкус.

Кога бадемите станаа прашкасти, ги додадов и снегулките па го пуштив блендерот кратко за да ги соедини и изблендира заедно. На крај ги додадов урмите и кокосовото масло и многу кратко блендирав затоа што смесата е густа па блендерот не може да ја врти доволно ефикасно. Во друг сад со голема лажица ја соединив убаво сама и ја натапкав во плехчето кое го користев.

Инаку користев плех кој има страничен обрач кој се вади, дијаметарот му е 24 cm.

Откако убаво ја натапкав, почнав со подготовка на чоколадниот слој.

Во тенџере ги ставив снегулките, чиа семето и водата и ги варев кратко. Додека сместа не се згусна убаво. На крај го додадов чоколадото кое се стопи веднаш, па тргнав од оган и ги додадов и какаото, медот, кокосовото масло и путерот од јатки. Измешав и соединив се убаво и го истурив чоколадниот фил врз основата, па ставив во замрзнувач за побрзо да се стегне. За 1-2 часа максимум чоколадниот фил е убаво стегнат.  

Овошниот фил го подготвив многу лесно, ги ставив сите состојки во блендер и мешав додека убаво не се соедини.

Го истурив врз чоколадниот фил и оставив во фрижидер да се стегне. Сега не мора во замрзнувач можете и во обичниот фрижидер.

Дополнително за украсување стопив 50 g темно чоколадо со 2 лажици кокосово масло, но ова  не е задолжителен чекор. Можете да си ја украсите како сакате вие.

Чувајте ја во обичниот фрижидер, нема потреба во замрзнувач.

На здравје!  

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *