Дали имате изградено здрав однос кон храната?

Споделете со пријателите

Која е правата асоцијација која ви паѓа на памет кога ќе го слушнете зборот – диета?

Многу од вас на ова прашање ќе одговорот рестрикција, гладување и сл. но, ни една од овие асоцијации не е пријатна и никој нема да се чувствува убаво доколку подолг период го практикува тоа.

Причината за тоа е што во скоро сите диети постојат рестрикции за одредени намирници, страв од маснотии, шеќери и храна со висок гликемиски индекс, правила за немешање на јаглехидрати со протеини, прескокнување на појадокот или пак на вечерата и уште милион други правила. Кога на сето тоа ќе ја додадете и физичката активност, јасно е дека телото многу брзо ќе се “измори” и лесно ќе западнете во искушение и ќе се вратите назад на старите навики.

Прво нешто што треба да сфатите кога е во прашање диета, исхрана, вежбање и здрав животен стил е дека ниту еден резултат не доаѓа преку ноќ. За остварување на посакуваните резултати ќе ви треба време, истрајност и посветеност. За да бидете успешни во тоа ќе мора да заборавите на строги рестрикции и строго откажување од одредени намирници затоа што како што спомнавме погоре ваквата “еуфорија” ќе ве држи многу кратко.

Храната сепак е наш најголем пријател без кој не можеме, таа ни е гориво со кое го одржуваме здравјето и се одржуваме во живот.

Престанете да ја доживувате исхраната како збир од правила во кои слепо верувате, затоа што токму поради тоа се создаваат фрустрации, стравови и брзо враќање на старите лоши навики.

Секако дека е добро да имате принципи и да внимавате што внесувате, но сето тоа треба да биде без притисок. Нема ништо да ви се случи ако изедете еден ред чоколадо, или пак ако еднаш вечерате непосредно пред да си легнете.

Правила до кои би требало да се држите:

Јадете разновидно и потрудете се да го знаете потеклото на храната што ја внесувате

Изберете разновидна храна, многу зеленчук и по неколку овошки на ден, но внимавајте да не бидат тоа зеленчуци кои се третирани со пестициди. Доколку сте во можност секогаш изберете органска храна. Трудете се храната која ја внесувате да е што помалку обработена, да не биде конзервирана, кога готвите не додавајте милион сосови, многу масло, многу сол и сл.

Јадете во склад со вашите енергетски потреби

Ако во минатото нашите предци имале проблем со наоѓање храна и калориски дефицит во текот на денот, сега ние сме сосема спротивното. Развојот на индустријата за храна и општо технолошкиот развој, предизвикаа проблем со ексцесивниот внес на калории. Некогаш дури не сме ни свесни за тоа колку внесуваме, мислиме дека 4 бисквити се ништо, а тоа можат да бидат и околу 400 калории или околу 1/5 од вкупните енергетски потреби на дневно ниво.

Ако јадете толку колку што трошите нема да имаме проблем и во таков случај и 2 реда чоколадо нема да ви ги пореметат сметките. Кога велиме да јадете толку колку што трошите, тоа не мора да значи да броите калории во текот на денот, но имајте претстава за тоа што и колку внесувате . Еден ден направете евалуација и запишете на лист хартија се што сте внеле тој ден, на крајот од денот пресметајте колку калории се тоа и ќе знаете отприлика каде се движите.

Научете се да ја препознавате “лошата” храна

Се случува многу често да одите во маркет и маркетиншки да се залажете и да посегнете по намирници на кои пишува пр. “без додаден шеќер”. Во таков случај завртете ја етикетата и погледнете колку грама јаглехидрати има тој производ во 100 g. Ќе бидете изненадени!

Истото се случува и со производи на кои пишува намален процент на масти. За да ги намалат мастите производителите го зголемиле процентот на јаглехидратите, а вишокот на јаглехидрати во телото се конвертира секако во масти така што ефектот од тој “здрав” производ е никаков за жал.

Научете да си го слушате сопственото тело

Ако после напорен тренинг имате потреба да каснете нешто благо, тогаш направете го тоа, затоа што телото најверојатно ви праќа сигнали дека се потрошени гликогенските резерви. Не бидете строги со себе затоа што така само лесно и брзо ќе западнете во големи искушенија. Многу е битно да научите да ги препознавате сигналите на вистински глад и на оној глад од досада кој е причината за ексцесивниот внес на калории и вишок килограми. Ако јадете само кога сте вистински гладни, верувајте ми нема да имате проблеми со килограмите.

Избегнете го стресот

Еден од најголемите непријатели на вашите килограми е емоционалното прејадување кое е најчесто предизвикано од стрес. Вежбањето докажано го намалува стресот и секако ќе ви помогне и да потрошите неколку калории плус. Вежбајте во група која дополнително ќе ве мотивира и бодри да не се откажете лесно.

Вежбањето индиректно ќе ви го смени и односот кон храната. После добар тренинг ќе ви биде жал да јадете “глупости”.

Можеби ќе ве интересира: Аеробик или Пилатес? Што е поефикасно за обликување на телото?


Кога размислувате за храна немојте да размислувате како на најголем непријател, храната е есенцијален дел од нашиот живот и гориво за нормално функционирање. Само рационален и разумен пристап кон тоа што го јадеме може да доведе позитивни ефекти на долгорочен план. Диетите и строгите начини на исхрана се пролазна работа и никогаш не даваат трајни и долгорочни резултати.

Избирајте разумно и уживајте во тоа што го јадете!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *