Дали навистина постои спор и брз метаболизам?

Од што се дебелееме и како слабееме? Дали постојат луѓе со спор и луѓе со брз метаболизам?

Како се дебелееме и како слабееме?

Не, не постои посебна храна која не дебелее. Тоа не се ни јаглехидратите, ни мастите, ни шеќерот, нити пак лебот. Тоа што не дебелее е континуираниот калориски суфицит.

Исто така не постојат намирници од кои се слабее, храната може да биде здрава, но тоа значи дека чиа семето или овошјето не дебелеат. Тоа од што се слабее е кога телото ќе го доведеме во калориски дефицит.

Што се калориите?

Калорија е мерна единица за енергија. Калориски суфицит е вишок на калории, т.е вишок на енергија во телото, а калориски дефицит недостаток на калории т.е недостаток на енергија во телото.

За полесно да ги разбереме работите, замислете го телото како место каде се складира енергијата. Енергијата во телото се складира во масното ткиво, во мускулите и во црниот дроб.

промена во телесните залихи = внесената енергија – потрошената енергија

Од оваа равенка многу е јасно дека ако внесуваме повеќе енергија отколку што трошиме, ќе доаѓа до промена во телесните залихи и секако зголемување на тежината, а во обратен случај ќе доаѓа до намалување на телесните залихи или слабеење.

Доколку сакате да слабеете не бирајте намирници кои мислите дека ќе ве ослабат, нема такви намирници, постои само калориски баланс меѓу потрошеното и внесеното. Секако дека е добро да јадете здрава храна, но ни здравата храна не е без последици ако ја јадете во вишок. Тоа е проста физика, енергијата не може да се создаде од ништо и не може да исчезне, таа само се претвора од еден облик во друг.

А сега малку да ја разгледаме равенката од погоре:

промена во телесните залихи = внесената енергија (+ корекција за пробава) – (BMR + TEF +TEA +NEAT)

Внесената енергија е се тоа што го внесуваме во телото во текот на денот, корекцијата за пробава е оној процент од храната кој го исфрламе и не се искористува од телото, иако тоа е многу малку сепак и тој процент треба да се има во предвид.

Базален метаболизам (BMR) е енергија која телото ја троши за основните телесни функции како што е дишењето, работата на срцето, работата на бубрезите, црниот дроб, цревата и сл. Тоа е енергија која телото ќе ја потроши секако, без разлика дали имате некаква физичка активност или не.

Термички ефект на храната (TEF) тоа е енергијата која телото ја троши за дигестија на храната, кај нормална исхрана тоа е околу 10% од енергијата која ја внесуваме.

Термички ефект од активност (TEA) – овде спаѓа енергијата која телото ја троши при физичка активност како трчање, планинарење, пилатес, одење во теретана и сл.

NEAT е кратенка од non-exercise activity thermogenesis и означува физичка активност која не е класична и стандардна активност туку активност и енергија која телото ја троши за извршување на некои основни секојдневни работи како што се работа низ дома, движење во домот, зборување, тресење со ногата, вртење на главата, тоа се активности во кои ги користиме скелетните мускули.

Брз или спор метаболизам?

Кога луѓето зборуваат за спор или брз метаболизам тоа се мисли на базалниот метаболизам кои го спомнавме погоре , тој варира само 5 до 8 % за личности со исти антропометриски карактеристики (висина, телесна маса, процент на мускулно ткиво) – тоа се отприлика околу 100 калори плус или минус на дневна база.

Зошто тогаш има некои луѓе кои имаат спор, а некои брз метаболизам и дали е тоа вистинскиот термин?

Одговорот на ова прашање е NEAT, енергијата која телото ја троши за извршување на основни движења кои бараат енергија од скелетните мускули.

Да споредиме две личности, личност А која работи седечка работа, а после работа дома гледа телевизија и одмара и личност Б која на работното место работи физичка работа, после работа средува дома и 3 пати неделно оди на аеробик. Воопшто не е тешко да претпоставите која од овие две личности троши повеќе енергија.

Разликата во базалниот метаболизам како што кажавме може да биде максимум 100 калории од личност до личност, но разликата која потекнува од NEAT може да биде и 2000 калории на ден.

Следниот пат кога ќе си помислите дека некој има брз метаболизам замислите си дека таа личност има динамичен начин на живот и затоа има “брз метаболизам”.

Заклучок:

За да го “забрзате” метаболизмот би требало да се фокусирате како да ја зголемите физичката активност што ја имате во текот на денот. Пешачете, возете велосипед, средувајте по дома, запишете се на некоја групна физичка активност и секако бидете свесни за храната која ја внесувате.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *