Подгответе сами 100% органски домашен џем од јагоди и малини

Листата на здрави десерти кои можете да си ги подготвите сами е навистина голема. За денеска ви издвојуваме интересен рецепт како да подготвите 100% органски домашен џем без шеќер и конзерванси и без термичка обработка. Можеби ова ќе ви звучи чудно и ќе се замислите дали воопшто може да се направи џем без конзерванси и без шеќер, но ве уверуваме дека ако се решите да го подготвите овој рецепт ќе се уверите во спротивното.

Што ви е потребно?

  • 200 g (јагоди и малини)
  • 1-2 супени лажици мед
  • 2 супени лажици чија семе

Како да го подготвите?

Овошјето не мора да биде свежо, но ако е замрзнато почекајте да се одмрзне и фрлете ја вишокот вода. Можете да користите и само јагоди или само малини, па дури и микс од бобинки (аронија, боровинки, вишни, капини). Чијата семето измелете го во мултипрактик или во блендер (џемот ќе има похомогена структура ако семето е мелено, иако можете да користите и цели зрна чија семе). На крај, ставете ги сите состојки во блендер и мешајте малку подолго, дури не добиете хомогена смеса.

Складирајте го џемот во тегличка и чувајте го во фрижидер. Бидејќи не содржи конзерванси рокот на траење му е околу 10тина дена, но верувајте дека нема да ви трае толку многу 🙂

Џемот можете да го јадете со интегрални колачи, да го мачкате на лебче, да го користите како намаз за палачинки или како прелив за овошна салата. Превкусно !!!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *