Едноставни совети за здрава бременост

Бременоста е посебен период од животот на секоја жена исполнет со убави емоции и пријатни чувства кои го менуваат животот од корен. На оние на кои прв пат им се случува имаат милиони недоговорени прашања во главата и многу дилеми.

Како да имате здрава бременост и да го поминете овој период без било какви компликации?

За тоа дали бременоста ќе биде здрава и нормална или патолошка, односно ризична бременост одлучувачки се повеќе фактори и тоа: здравјето на мајката, историја на претходни заболувања, претходни спонтани абортуси, дали бременоста е настаната спонтано или е асистирана ин витро бременост, возраста на мајката, дали мајката е пушач и сл.

Иако многу често работите не се во наши раце, тоа што е под наше влијание би можеле да го смениме и контролираме со цел да си осигураме, здрава бременост.

Имаме неколку практични и едноставни совети за здрава бременост:

  1. Хранете се здраво и балансирано, не јадете оброци за двајца

Поговорката “Јадете за двајца” веќе одамна не важи. Кога е во прашање исхрана, не е битно количински да јадете многу и повеќе од претходно, туку битно е тоа да биде нутритивно вредна храна богата со хранливи состојки, витамини и минерали.

Внимавајте со шеќерот, белото брашно и грицките, нив морате да ги сведете на минимум. Храната би требало да биде претежно протеинска и секојдневно да внесувате многу свежо овошје и зеленчук.

Лошата исхрана и зголемување на килограмите повеќе отколку што е дозволено си носи ризици и за мајката, но и за бебето. Дебелината во бременоста е причина број 1 за појава на гестациски дијабет и висок крвен притисок што може да има навистина лоши последици.

  1. Бидете физички активни

Доколку пред бременоста сте биле физички активни, така треба и да продолжите. Вашето тело е навикнато на физичката активност и тоа само позитивно ќе влијае и на вас и на вашето бебе. Бременоста не е период кога треба да започнувате со нови активности и да пробувате екстремни спортови, но сепак доколку имате дозвола од вашиот доктор останете максимално физички активни.

Физичката активност во бременоста има неколку придобивки:

  • подобра циркулација, повеќе енергија, подобар сон, намален ризик од гетсациски дијабет и висок крвен притисок, намален ризик од појава на отоци кои се карактеристични за бремените жени, полесно породување и полесно враќање во форма после породувањево.

Вежбањето треба да биде претпазливо до завршување на првите 12 недели, но со следење на советите од својот доктор можете да останете физички активни и во тој период.

Внимавајте вежбањето да не ви го забрза премногу пулсот и да останете без здив, исто така бидете внимателни и со загревањето на телото, иако докажано е дека луѓето кои се физички активни подолго време имаат развиено брз одговор на загревањето на телото со што започнуваат да се потат уште во првите неколку минути после започнување на физичката активност.

Препорачливи активности: пилатес, јога, аеробик со понизок интензитет, пешачење, пливање, зумба и сл.

  1. Правете ги сите прегледни редовно

Соодветниот лекарски надзор во бременоста е клучен за здравјето на бебето, но и на мајката. Постојат неколку задолжителни прегледи/скринзини кои е препорачливо да се направат. Исто така мајката мора да ја следи и крвната слика (барем еднаш месечно), да прави микробиолошки испитување за исклучување на инфекции кои можат да бидат зачестени во бременоста.

Се препорачува посета на матичниот гинеколог барем еднаш месечно кој во зависност од гестациската недела на плодот и дава насоки на мајката кои испитувања треба да се направат.

  1. Внимавајте на хигиената

Хигиената е од особено значење во бременоста затоа што бремените жени се многу подложни на инфекции кои многу често знаат да бидат и без симптоми, а можат да му наштетат и на плодот, но и на мајката.

Јавете се кај својот доктор доколку имате невообичаено пецкање и печење за време на мокрење, промена на бојата и мирисот на урината, исто така доколку забележувате некој чуден и невообичаен вагинален исцедок задолжително направете микробилошки испитувања.

Сексот не е забранет во бременоста, секако доколку имате нормална и здрава бременост, но никако немојте да практикувате незаштитен секс. Задолжително користете презервативи се со цел заштита од пренос на инфекции.

  1. Имајте квалитетен сон

Сонот е важен за секого, но бремените жени поради хормонските промени имаат зголемена потреба за сон и тоа особено во првотото тромесечје. Сонот е важен за одмор и регенерација на целото тело.

Физичката активност и прошетките во природа можат многу да влијаат на подобрување на квалитетот на сонот.

Секоја трудница има различна потреба од сон, но сепак се преопачува од 7-9 часа како оптимално време кое е потребно за квалитетен одмор.

Можеби ќе ве интересира: 6 совети како до полесно и побрзо забременување

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *