Како да го прекинете емоционалното прејадување?

Споделете со пријателите

Дали јадете за да се чувствувате поубаво и да се ослободите од стресот? Дали често се прејадувате и тоа доцна навечер, чувствувајќи кратко потоа вина за се што сте изеле?

Што значи емоционално јадење?

Не секогаш јадеме само за да го задоволиме физичкиот глад. Многумина јадат за удобност, за олеснување од стресот, за награда пред себе си. И некој кој е во една таква ситуација или состојба многу лесно посегнува по брза храна, чоколади, чипс и друга нездрава храна. Но, за жал емоционалното јадење нема да ги реши проблемите, туку уште полошо затоа што може да ги направи поголеми и да ве направи да се чувствувате уште полошо.

Кратко после јадење на голема количина на храна, ги имате покрај себе проблемите заедно со вина и каење за се што сте изеле…

Дали јадете на емоционална база? Ако одговорите потврдно на 3 од прашањата, тогаш и вие спаѓате во групата на емоционални јадачи.

  • Дали јадете кога сте под стрес?
  • Дали јадете кога не сте гладни?
  • Дали јадете за да се чувствувате подобро(пример кога ви е досадно, кога сте нервозни и слично)?
  • Дали се надградувате себе си со храна?
  • Дали јадете додека не се прејадете до максимум?
  • Дали се чувствувате немоќни или надвор од контрола кога имате храна околу себе?

Ако повремено ја користите храната како награда тоа воопшто не е лошо, но ако храната ви е примарен емоционален механизам да се справите со сите ситуации во животот, тогаш сте затворени во еден емоционален круг на јадење кој не само што ве прави да чувствувате вина, туку ви го загрозува и целокупното здравје.

Килограмите ќе одат нагоре, мастите ќе се таложат предизвикувајќи многу други хормонални пореметувања кои можат да бидат корен на многу заболувања.

Разликата помеѓу емоционален и физички глад

За да го решите проблемот со емоционалното прејадување, морате првин да ги научите вистинските разлики помеѓу емоционален и физички глад. Ова иако звучи едноставно, може да биде многу тешко, особено ако постојано консумирате храна за да ги смирите своите емоции.

Емоционалниот глад знае да биде толку силен, што прави да мислите дека станува збор за вистински физички глад. Сепак за да можете да направите дистинкција мора да ги знаете основните разлики.

емоционален глад vs физички глад
емоционалниот глад доаѓа одеднаш физичкиот глад настапува градиентно и постепено
емоционалниот глад бара да внесете храна веднаш физичкиот глад не е толку силен и може да почека
кај емоционалниот глад имате желба да јадете специфична храна, најчесто нездрава и брза храна или благо и слатки кога станува збор за физички глад, телото е отворено за сите опции, без специфична потреба за одредена храна
емоционалниот глад не се задоволува кога стомакот ви е полн физичкиот глад престанува кога стомакот ќе се наполни доволно
емоционалното јадење предизвикува чувство на вина, немоќ и срам уживање во храната за да го задоволите вистинскиот физички глад не прави да се чувствувате лошо потоа

За да го решите проблемот морате да го најдете “иницијаторот” и нормално да сакате да го решите проблемот!

Првиот чекор за запирање на емоционалното јадење е идентификување на настаните кои го предизвикуваат. Кои ситуации, места или чувства ве тераат да внесувате неконтролирана количина на храна?

Најчесто прејадување е поврзано со непријатни чувства, но исто така може да биде предизвикано и од позитивни емоции, како што е наградување на себе си за постигнување на целта или славење празник или среќен настан.

Најчести причини за емоционално прејадување?

  • Стрес, лутина, страв, осаменост, досада…
  • Емоционалното прејадување може да биде и последица на навики стекнати во детството. Дали родителите ве наградуваа со сладолед кога ќе направевте нешто добро или пак ве носеа на пица кога ќе добиевте 5-ка по математика? (за тоа дека децата не траба да се наградуваат со храна и тоа особено не со не здрава храна зборував во една друга објава)
  • Влијание од средината – оброк со друштво или во ресторан е одличен начин на дружење, но ако тоа го правите пречесто, може да биде една од причините за прејадување затоа што пред вас има голема количина на храна, сите јадат и вие едноставно ја губите контролата за тоа колку сте изеле…

Начини како да се справите со емоционалното прејадување?

За да престанете со емоционалното јадење, мора да пронајдете други начини да се исполните себе си емотивно. Не е доволно само да се разбере циклусот на емоционално јадење и предизвикувачите, иако и тоа е огромен прв чекор. Потребни ви се алтернативи на храна на кои може да се обратите за емоционално исполнување.

Ако сте депресивни и осамени, јавете се на некоја блиска личност која секогаш ве расположува или гледајте пример слики од некој настан кој ви буди убави емоции.

Ако сте нервозни, пуштете музика или отидете на еден круг пешачење, извежбајте нешто кратко…Физичката активност целосно ќе ви ги смени емоциите и ќе заборавите на лутината и бесот. Вежбањето ќе направи да се чувствувате убаво и среќно.

Ако сте изморени, напијте се топол чај или уживајте во топла бања.

Ако ви е досадно, читајте книга или некоја научна литература што ве интересира, пуштете си некој интересен филм…

Кога мислите дека немате контрола над себе и дека едноставно морате да јадете одма….застанете земете здив и одложете го тоа за 5 минути.

Во тие 5 минути набљудувајте се себе си и размислете длабоко дали и колку ви е потреба таа храна, како ќе ви помогне да ги решите проблемите и како ќе се чувствувате потоа?

Научете да ги прифаќате чувствата, па макар да бидат и негативни и лоши. Емоционалното јадење всушност произлегува од чувството на немоќност над вашите емоции. Вие не се чувствувате способни да се справите со вашите чувства и барате брзо решение на задоволство. Размислете следниот пат два пати, но запомнете дека храната не е решението!!!

Здравите навики во секојдневното живеење прават чуда

Кога сте физички силни, одморени и релаксирани ВИЕ ја имате моќта да се справите со сите предизвици.

Вежбајте!!!

Физичката активност прави чуда за вашето расположение, за вашата енергија, таа е најмоќното оружје против стресот.

Вежбањето ќе ве “натера” да се храните поздраво, ќе ви помогне во емоционалната контрола врз чувствата и врз односот кон храната, ќе ве направи посилна личност и физички и ментално.

Во тоа ве уверувам искуствено!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистар по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *