Печени фалафел топчиња од наут

Споделете со пријателите

Ќофте без јајца и без компликации, лесно, брзо и совршено! 😊 Одличен оброк за дечиња над 1 годинка (12+).

Наутот е вистинска ризница на хранливи нутритиенти. Богат е со протеини и тоа околу 20 g во 100 g производ, содржи и голем процент на растителни влакна (17 g/100g), железо, калциум, калиум, фолати и многу мал процент на масти (6 g/100 g).

Овој оброк е многу едноставен за подготовка затоа што ништо не пржите, туку едноставно за 5 минути ја формирате сместа, правите топчиња, ставате да се пече во рерна и имате одличен ручек.

Функционалност: посно, веге, без глутен.

Потребни состојки (за 15 ќофтиња):

  • 150 g наут (јас го ставив да се кисне во вода преку ноќ, можете да купите и готов во конзерва или тегла, но така е многу поскап)
  • 1 главица кромид
  • малку лук
  • 3 лажици маслиново масло
  • хималајска сол, благ буковец, црн бибер, оригано.

Начин на подготовка:

Најдобра опција е да купите зрна наут и сами да си го покиснете во вода. Така наутот е многу евтин, не се сеќавам за точната цена затоа што имав купено 0.5 kg кој го користам подолго време, но знам дека баш се разликува во цена од оној во конзерва и во тегла, иако и тој не е нешто многу скап. На Подравка околу 240 g наут во конзерва е околу 60-70 денари.

Значи ставате во вода 150 g да се киснат преку ноќ (може дури и подолго), следниот ден ја фрлате водата и го ставате наутот во блендер, ситно сецкате кромид и малку лук и додавате и 3 лажици маслиново масло. Се заедно блендирате, но со пулсирања да не стане каша. На крај зачинувате и формирате топчиња.

Ставате ги топчињата на хартија за печење и печете во загреана рерна на 180°С околу 10-15 минути дури не заруменат како кај мене на сликата.

Ние ги комбиниравме овие вкусни ќофтенца со крем супа од зеленчук.

Ситно насечкав кромид, 1 компир, морков, малку тиква, и малку брокула, додадов вода, малку маслиново масло и зачини и ставив се да се вари. Кога зеленчукот омекна со рачен блендер го изблендирав да стане баш крем супа.

Плус направив сос од 3-4 лажици кисело млеко, 1 лажица кајмак, 1-2 ситно сецкани кисели краставички, малку лук и буковец.

Салата ни беше варено цвекло со хималајска сол, лимон и ладно цедено сончогледово масло.

Ручекот беше одобрен и од страна на Ана 😊 изеде две ќофтиња со сос и цела чинија супа.


Повеќе идеи за здрави рецепти, ќе пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *