Кои 5 овошки содржат најмалку шеќер?

Ретко кој може денот да си го замисли без барем една изедена овошка. Овошјето изобилува со витамини, минерали, антиоксиданси и хранливи влакна кои му се неопходни на телото нормално да функционира. Но, сигурно сте се запрашале дали навистина овошјето е добро да се јаде во големи количини и колку шеќер содржи?

Доколку внимавате на килограмите и подолго време никако не ви успева да намалите ни грам, а внимавате што јадете, тогаш размислете дали можеби јадете многу овошје.

Први во листата со најмногу шеќер се смоквите, потоа следнуваат грозјето, мангото, калинките, црешите и бананите. Сите овие овошки содржат повеќе од 10 g шеќери во 100 g. Смоквите кои се доволно узреани можат да содржат и до 19 g шеќери во 100 g производ.

Кои овошки содржат најмалку шеќер?

И покрај тоа што овошјето содржи многу шеќери, постојат овошки во кои содржината на шеќери е многу мала. Подготвивме листа од 5 овошја кои содржат најмалку шеќери и кои би можеле да ги јадете во поголеми количини без грижа на совеста 🙂

  1. Авокадо

100 g авокадо (обично 100 g одговараат на ½ авокадо) содржи 9 g јаглехидрати од кои помалку од 1 g се шеќери, а повеќе од 8 g се растителни нерастворливи влакна.

Авокадото е богато со мононезаситени масти, растителни влакна, витамини А, витамин Е, витамин К и многу минерали: железо, бакар, магнезиум и манган.

Во авокадото исто така се наоѓа и голема концентрација на танини кои се познати по своите антивоспалителни, антиоксидантни и антиулкусни својства. Во мала концентрација се наоѓаат и флавоноиди кои спаѓаат во групата на полифенолни антиоксиданси кои штитат од слободните радикали.

Свежото авокадо е и многу добар извор на калиум важен за регулација на работата на срцето и одржување на нормални вредности  на крвениот притисок.

Наш предлог: Здраво, посно и вкусно: Авокадо хумус.

  1. Брусницa

100 g брусница содржи само 46 калории и 12 g јаглехидрати од кои 4 g се шеќери, а околу 5 g се растителни нерастворливи влакна.

Брусницата е одличен извор на витамин Ц, магнезиум, витамин Е и витамин К. Содржи и голема концентрација на биоактивни компоненти како флавоноиди и полифеноли кои се моќни антиоксиданси.

Брусницата содржи голема концентрација на проантоцијаниди тип А кои помагаат кај уринарни инфекции.

  1. Малини

100 g малини содржат само 53 калории и 12 g јаглехидрати од кои 4.4 g се шеќери, а околу 7 g се растителни нерастворливи влакна.

Малините се одличен извор на витамин Ц, но содржат и: железо, магнезиум, калциум, калиум и витамин Б6.

Малините со нивната богата боја, извонреден вкус и голема антоксидантна моќ се едни од највкусните и најупотребуваните бобинки кои одлично се вклопуваат во било кој десерт, сладолед, смути и сл.

Наш предлог: Сочен чоколаден колач со малини.

  1. Капини

100 g капини содржат само 43 калории и 10 g јаглехидрати од кои 4.8 g се шеќери, а околу 5.5 g се растителни нерастворливи влакна.

Капините се богат извор на витамин Ц, витамин К, витамин Е, магнезиум и калиум.

Капините содржат биофлавоноиди, кои делуваат како силни антиоксиданси и го спречуваат создавањето на слободни радикали. Ја зголемуваат апсорпцијата на витамин Ц и помагаат за зачувување на колагенот.

Наш предлог: Здрав џем без термичка обработка од боровинки или капини и чиа семе.

  1. Јагоди

100 g јагоди содржат само 33 калории и 8 g јаглехидрати од кои 4,9 g се шеќери, а околу 2 g се растителни нерастворливи влакна.

100 g јагоди задоволуваат 100% од дневните потреби за витамин Ц. Јагодите содржат фолна киселина, форма на витаминот Б, неопходна за создавање на црвените крвни клетки. Токму поради фолната киселина ова овошје се препорачува на трудници и на деца во раст.

Една порција јагоди задоволува околу 20% од дневните потреби за фолна кицелина.

Состојките во јагодите имаат моќни антиоксидантски својства и ги намалуваат последиците од воспалителни процеси во организмот, го чуваат здравјето на артериите и ги спречуваат ризиците од појава на кардиоваскуларни заболувања.

Наш предлог: 5 лесни и брзи рецепти со свежи јагоди.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *