Како до полесно губење на тежината после породувањето?

Промените со кои се соочува телото на жената за време на бременоста и после породувањето се огромни.

За губење на тежината после породувањето треба трпение и време. Јас ја имав среќата па веднаш се вратив на старата тежина уште првиот ден од враќањето од болница, но сепак не сите мајки го имаат истото искуство затоа што во прашање се индивидуални фактори.

Тајната во губењето на килограмите и враќање на телото во нормала секако дека лежи во здравата исхрана и физичката активност, но голем удел во сето тоа има и промената на хормоните која е карактеристична за тој период.

Колку брзо ќе се вратите во нормала зависи од тоа колку килограми сте качиле за време на бременоста. Оптимално е околу 10-12 килограми, иако некои жени качуваат помалку, но некои и многу повеќе.

Пример јас се поправив само околу 5-6 килограми со нормална исхрана и никакви гладувања, но со физичка активност. Има и такви кои и покрај тоа што внимаваат што јадат едноставно качуваат повеќе, но сепак се е тоа нормално и многу индивидуално и зависи од жена до жена. Сепак сите сме свесни дека килограмите не се најбитни, најбитно е плодот и бебето да се развиваат правилно и здраво.

Реалноста дека ќе се породиме и веднаш ќе го нема стомакот не погодува во моментот кога сфаќаме дека дел од стомакот останува….

Во првите неколку денови телото односно матката сеуште не се вратени во нормална. Замислете матката која е со големина на тупаница, се зголемила толку многу пати и постигнала големина доволна да може да собере бебе од околу 3 килограми. За да се врати во првобитната големина секако дека и треба време, иако најголем дел од тоа повлекување се случува првата недела, сепак околу 40 дена се потребни за целосно враќање на матката во нормалната големина.

Друг проблем со стомакот се јавува кога доаѓа до проширување на стомачните мускули, односно до нивно раздвојување или дијастаз. Тоа се случува најчесто кај жени кои ќе се поправат многу, кај близначка бременост, кај жени со слаба мускулатура или пак кај такви кои носат голем плод. Сепак и тоа се коригира, со правилна исхрана и вежби. Повеќе за тоа можете да се обратите на инстаграм кај @mojafitnessmama која има специфична програма за вежбање наменета баш за намалување на дијастаз. Сепак за корекција на дијастазот треба трпение и време, затоа што ништо не се случува преку ноќ.

Навиките во исхраната

Во бременоста изговор е бебето, после породување изговор е доењето, но кога е здрава и балансирана исхрана во прашање нема потреба од оправдувања пред себе затоа што од таква исхрана ќе има корист и бебето и вие и тоа многу повеќе отколку од исхрана богата со заситени масти и прости шеќери.

Многу е едноставно, заборавете на благо, на грицки, на сокови и слично. Многу голем мит е дека ако пиете повеќе сок ќе имате повеќе млеко или пак ако јадете повеќе.

Количината на млеко не зависи од тоа какви течности пиете, битно е да пиете вода и да внесувате правилни микро и макронутритиенти. Квантитативниот и квалитативниот состав на млекото многу малку варираат во однос на исхраната што ја внесуваме.

Од друга страна пак, многу е битно да внесувате доволно храна. Никако не смеете да си дозволите да гладувате и телото да го доведете во калориски дефицит затоа што вашето тело продуцира енергија. Млекото е енергија, тоа се калории кои потекнуваат од телото на мајката.  Тие мора да дојдат од негде, а од каде ако не со исхраната?!

За време на доење жената троши дополнителни уште околу 500-600 калории на дневна база, плус околу 1300-1400 калории за базален метаболизам, што значи дека околу 2000 калории би морале да внесувате доколку немате никаква физичка активност. Ако вежбате, ќе морате и плус.

Друго што сакам да потенцирам кога е во прашање храната и доењето е типот на намирници кои треба да се внесуваат. Многу совети велат не внесувајте јаткасти плодови, мешунки, зелка, брокули, карфиол и слично затоа што детето ќе има грчеви од таквата храна. Или пак ако бебето има запек, мајката да јаде суви сливи…тоа е тотален мит затоа што нема механизам како влакната од сувите сливи би дошле во цревата на бебето за да предизвикаат лаксативен ефект.

Тие би имале ефект само кај перисталтиката на цревата кај мајката.

Од друга страна пак мешунките и зеленчукот од фамилијата на зелки кај некои бебиња можат да покажуваат реакција, но овој став не треба да се генерализира. Мој совет е да се јаде буквално се, во умерени количини, доколку забележите дека некоја храна што вие ја јадете навистина му смета на бебето, тогаш таа намирница исклучете ја од исхраната.

Генерални препораки за исхраната после породувањето:

  • јадете повеќе зеленчук и умерена количина на овошје
  • јадете житарици од цело зрно
  • ограничете ја употребата на благо и многу солено
  • контролирајте ја големината на порциите
  • не внесувајте сокови и дополнителни течни калории, пијте многу вода.

Физичката активност  

Кога можам да започнам да вежбам после породувањето? Ова прашење многу често го добивам, но одговорот на истото е навистина индивидуален и зависи од жена до жена, од тоа дали породувањето било природно или со царски рез и од фактот дали мајката вежбала пред бременоста или не.

Доколку сте вежбале пред бременоста и сте имале природно и спонтано породување без било какви компликации, тогаш со лесна активност можете да започнете и неколку денови по породувањето, секако доколку се чувствувате добро. Вообичаена се препорачува физичка активност 6 недели после природно породување.

Кога е царски рез во прашање, времето за опоравување е подолго. Бидејќи ја имав приликата да го искусам тоа, навистина мижам да кажам дека на телото му треба време да се врати во нормала. Сепак бидејќи јас имав многу активна бременост, после 6-7 недели целосно се вратив на тренинзите со полна пареа, но случајот со повеќето жени е дека после царски рез најоптимално е да се почне со активност после 12-16 недели во зависност од тоа како се чувствува мајката. Задолжително пред да започнете да вежбате, а сте имале царски рез консултирајте се со својот гинеколог.

Исто така многу жени се плашат да почнат да вежбаат затоа што мислат дека тоа ќе има негативно влијание врз лачењето на млекото и дека ќе се намали лактацијата. Но, се случува спротивното, вежбањето ја забрзува циркулацијата и вообичаено ја зголемува лактацијата. Јас дојам веќе 12 месеци, ексклузивно доев 6 месеци и тоа без никакви потешкотии, а со редовни тренинзи секој ден после 6 недели од породувањето (мојата приказна за доењето можете да ја прочитате тука).

Вежбањето не само што ќе ви помогне полесно да го вратите телото во нормала, тоа ќе ви помогне и да се чувствувате поубаво и да бидете посреќни, што многу ќе влијае на новороденчето затоа што децата навистина ги чувствуваат нашите емоции.

Доењето може да помогне во полесно губење на килограмите

Погоре го спомнав фактот дека доењето троши по околу 600 калории дневно, што навистина многу го олеснува процесот на губење на килограмите и враќање на телото во нормала.

Мајките кои ги дојдат своите бебиња многу полесно се враќаат на старата килажа, отколку тие кои не ги дојат.

Јас тоа баш го почувствував на своја кожа затоа што некаде 4 месеци после ексклузивно доење бев 4 килограми помалку отколку пред да останам бремена. Јадев нормално, многу повеќе отколку што јадев во бременоста, а сепак не можев никако да ја поместам вагата килограм или два во позитива.

https://www.instagram.com/p/B0spJlfnK4Y/

Поставете реални цели

За да се вратите во нормала треба трпение и секако реални цели. Не очекувајте дека за 2-3 недели ќе се ставите на диета и толку…губењето на килограмите и враќањето на телото по породувањето мора да биде полека, особено ако го доите своето малечко.

Позитивно прифатете ги промените на вашето тело. Хранете се здраво и балансирано, трудете се да бидете физички активни. Запишете се на некоја групна активност барем два пати неделно. Сигурна сум дека сопругот нема да ве одбие да ви помага со малото ако решите дека сакате да вежбате.


Нашето фитнес студио за аеробик и пилатес има распоред на часови и тренинзи секој ден во различни периоди од денот. Ние дозволуваме да ги комбинирате тренинзите и деновите како вам ви одговара. Можете повеќе детали да видите на линкот: FITLIFE STUDIO.


Промените во животниот стил внесете ги полека…позитивниот резултат е неизбежен.

Најбитно е да уживате во мајчинството и во времето поминато со семејството!

View this post on Instagram

Имам веќе 5 години искуство во држење групни фитнес активности и ја имам и рутината и праксата, но сепак пред секое вежбање си правам концепт и си подготвувам вежби. . Сакам секој час да биде различен и да ги опфати сите мускулни групи. Се трудам комбинацијата на вежби секогаш да е интересна и соодветна за моите вежбачи, опфаќајќи вежби и за истегнување и за потење и за тонирање во зависност од типот на часот нормално. . Секое пробување вежби дома е радост за 👼 Ана, не знам зошто толку се радува кога ме гледа како вежбам, но што и да прави го прекинува и почнува да се радува. Сигурна сум дека тоа што вежбав до последен ден пред да се роди и влијаело баш многу позитивно затоа што е навистина прекасно бебенце (вакви можам уште 5 да чувам). Постојат литературни податоци кои велат дека вежбањето за време на бременост🤰 помага бебињата да имаат поздраво срце и подобар ментален развој. . Многу мајки во бременоста се плашат да вежбаат, кај некои е навистина оправдано, но некои мислам дека го користат тој период за да си “одморат и да се изнајадат”, што понатаму придонесува за многу негативни здравствени последици. Замислете кој шок е тоа за телото, за 9 месеци да качите повеќе од 20 килограми. Качувањето на килограми во бременоста е нормален процес, но во разумни граници. Проблемот од многуте килограми не е естетски, туку пред се здравствено. Гестатцискиот дијабет, прекламспијата, предвременото породување, постпородилната депресија…тоа се само некои од последиците кои можат да настанат. Тука е и физичкиот изглед кој иако не е најбитен може да предизвика многу психолошки проблеми и незадоволство кои водат до внатрешен стрес и немир кои влијаат на целокупното функционирање на телото. . Вежбањето и физичката активност треба да бидат дел од секојдневието на сите. Во денешното стресно време тоа е најприроден начин да останеме здрави, среќни, убави и да зрачиме со позитивна енергија. . Колку пати неделно вежбате вие? 🤔

A post shared by Dragana Mladenovska (@dragana_fitlife) on

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистар по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *