Зошто храната со висок гликемиски индекс не дебелее и зошто прави постојано да ни се јаде?

За храната со висок гликемиски индекс и за инсулинот!

Многу се зборува за ова, но колку всушност знаеме што значи храна со висок гликемиски индекс, прекумерно лачење на инсулин, инсулинска резистенција и несензитивност на клетките за инсулин?

Зошто храната со висок гликемиски индекс не дебелее и зошто прави постојано да ни се јаде?

Гликемискиот индекс ни покажува како некоја намирница по внесувањето во организмот влијае на нивото на глукоза во крвта и како тоа влијае врз лачењето на инсулин.

Улогата на инсулинот е да и овозможи влез на глукозата од крвта во клетките каде таа дел се претвора во енергија (аеробно дишење), дел се складира во мускулите и црниот дроб како резерва во форма на гликоген, а друг дел кој не може да се искористи се претвора во триглицериди и се таложи во масното ткиво.

Гликемискиот индекс е мерка колку брзо нивото на шеќерот во крвта се зголемува веднаш по внесувањето на било каква храна.

Како референтна мерка се зема глукозата која има гликемиски индекс 100.

Кога јадеме храна со висок гликемиски индекс, во крвта доаѓа до нагло и брзо ослободување на инсулинот кој има за цел да ја намали концентрацијата на глукозата. Големата концентрација на инсулин предизвикува брзо навлегување на глукозата во клетките и таа или се троши или се складира (не смее да остане во крвта), но поради големата концентрација на инсулин доаѓа и до поголем пад на нејзините вредности, па кратко после консумирање на храна со висок гликемиски индекс ние чувствуваме глад затоа што нивото на глукоза брзо се намалило.

Тој круг постојано се врти и ние пак посегнуваме по храна која ни дава брза енергија, и пак инсулин, и повторно таложење и повторно глад…..сето тоа води до дебелина и таложење на ново и ново масно ткиво…

Од друга страна преголемото лачење на инсулин може да ги направи клетките несензитивни за него, па тој да не си ја врши својата работа при што прв знак е зголемено ниво на глукоза во крвта на гладно и појава на првите знаци на дијабет тип II.

Храната со висок гликемиски индекс прави за брзо време повторно да ни се јаде, сигурно сте забележале пример кога јадете макарони, првин сте “полни” и се чувствувате многу најадено, но кратко после тоа, најмногу 1-2 часа вие сте повторно гладни и имате чувство дека можете да изедете се наоколу.

Тоа истото се случува и кога јадеме благо, грицки, брза храна….Може да изедете 100 грама чоколадо, што калориски е околу 600 калории, и после само 1 час да се чувствувате гладни како да не сте јаделе 5-6 часа.

Од друга страна кога јадеме храна со низок гликемиски индекс, нивото на глукоза во крвта расте полека.

Пример кога јадете месо со салата, можеби дури јадете си мислите “Леле уште сум гладен/на”, но всушност дури и после 3-4 саати вие не “запаѓате” во кризи. А ручек со месо и салата може да биде најмногу 400 калории.

Прекумерното внесување на храна со висок гликемиски индекс е една од главните причини за појава на современите болести како што е дијабетот, хипертензијата и воопшто сите проблеми со кардиоваскуларниот систем.

Појавата на малигни заболувања исто така е асоцирана со внесот на храна со висок гликемиски индекс.

На линкот можете да видите – Табела со вредности за гликемиски индекс на најупотребуваните храни.

Кога бирате храна, секогаш размислувајте разумно и бирајте правилни комбинации кои ќе ве наполнат со нутритиенти, а не само со празни калории кои кратко после консумирање ќе ве направат уште погладни од пред тоа.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *