Идеи за вечера на дечиња од 1 до 3 години

Споделете со пријателите

Како мајка која се труди секојдневно да нуди разновидни оброци навистина понекогаш и сама се соочувам со проблем што вкусно и здраво да подготвам за вечера на мојата ќерка која моментално има 1 години и 4 месеци.

Како и секое дете и таа има преференци кон одредени оброци кои и се омилени, но јас се трудам да и нудам што е можно поразновидни вкусови и намирници со што сум сигурна дека внесува се што и е потребно за правилен раст и развој.

Клучни моменти кои мора сите родители да ги имаме во предвид кога станува збор за исхрана и оброци кај деца.

1. Децата растат многу брзо, тие се многу активни и нивните енергетски потреби се големи.

2. На децата им треба нутритивно густа и калорична храна која ќе содржи доволно од сите макронутрититиенти, витамини и минерали кои се неопходни за правилен раст и развој.

3. Никогаш не му давајте на детето храна на која е наведено дека содржи ниско ниво на масти. Секогаш  за своите деца купувајте полномасни производи. Масите покрај тоа што имаат голема енергетска густина тие се неопходни и за правилен раст и развој на мозокот. Внимавајте на изборот на масти. Нудете му на детето полномасни млечни производи, путер и путери од јатки, јајца, риба, семиња, семки и слично.

4. Бирајте разумни ужинки кои ќе ги давате во соодветно време во денот. Смоки, чоколадо или чоколадно млеко со шеќер не се добра опција. Понудете му на детето овошје со путер од јатки, направете му здрави бомбици, бисквитчиња од житарици од цело зрно во кој наместо шеќер ќе додадете мед, домашен овошен јогурт и слично.

5. Воспоставете здрави навики и правилен пристап кон храната уште од најмала возраст. Бидете пример за тоа како треба да се храни вашето дете.

Еве ги нашите предлози:

  • Омлет

Јајцата содржат полновредни протеини и масти кои им се неопходни на децата за правилен раст и развој. Омлетот можете да го правите различно секогаш, подолу некои мои предлози за вкусен омлет. Комбинирајте со лепче од цели зрна или пак во самиот омлет додадете 1 лажица овесни снегулки.

Предлог 1: јајце, парче несолено сирење, малку путер, неколку листови обарен и насечкан спанаќ) – соединете се и ставете да се пржи во тавче што не лепи.

Предлог 2: доматно пире, сирење и јајце – доматно пире ставете го тавче да му испари водата, потоа додадете го сирењето и јајцето.

Предлог 3: јајце, младо кромитче, маслиново масло, 1-2 лажица овесни снегулки – измешајте и пржете го на тавче што не лепи.

  • Зеленчукова густа чорба

Ана обожава супи и чорби па затоа многу често ни се застапени во менито, но секогаш различни, понекогаш со месо, со риба, а некогаш и само со зеленчук.

Кога е само со зеленчук најчесто ставам: морков, компир, тиквичка и брокула. За да биде чорбата енергетски густа задолжително додавам путер, а од зачини лукче и малку хималајска сол. Многу често додавам и матено јајце (тоа се става во малку заладена супа полека и со интензивно мешање). Кога чорбата ја правам со месо или риба, не додавам јајце. Исто така за калории, макронутитенти и енергетска густина знам да додадам и некоја житарка како на пример киноа, просо, кус-кус, амарант или пак од гриз да направам кнедли.

  • Палента со кисело млеко/сирење и путер

И ова е едно од омилените јадење на Ана, но и воопшто на секое дете. Речиси и да не познавам дете кое не сака палента. Палентата јас ја правам најчесто варена и на крај додавам малку путер, сирење/урда или моцарела и 1 лажица кисело млеко. Наместо палента овој ист оброк можете да го направите и со варени овесни снегулки, со кус-кус, со хељда или пак со просо.

Друга исто одлична опција за палента е да направите пица од неа.

Еве го рецептот:  Палента мини пици за бебе (8+ месеци)

  • Тостерки/проја или некоја пита со кисело млеко

Зелените тостерки со блитва се еден од најпопуларните рецепти кај мене на профолот на инстаграм. И на Ана, но и на сите нас дома ни се омилени.

Еве го рецептот:

https://www.instagram.com/p/B4zSM4Qnthg/

Можете да си правите варијација на тема слободно (точниот рецепт ќе го најдете кај мене на профилот).

Други предлози:

Интегрална проја со палента и ‘ржано брашнo

Проја мафини за бебе (9+)

Пита со спанаќ и јајца

Тостерките, пројата и се што спаѓа во оваа категорија можете да го комбинирате со хумус, гвакамоле или пак само со јогурт или кисело млеко.

  • Тостирано лепче со путер од јатки и бобинки

Лепче со путер од јатки и овошје покрај опција за вечера, ни е опција и за појадок. Ана го обожава путерот од лешници од @bonita_organic_nut_butters.

Лепчето и го загревам на тостер, мачкаме путер и обично комбинираме со парченца банана и боровинки/аронија. Путерите од јатки се одлични за деца затоа што се нутититивно и калориски густи, имаат здрави масти кои им се неопходни на децата за правилен развој на мозокот.

Друга опција наместо лепче ни се овесните или палачинките од киноа.

Доколку имате вие некој предлог за вкусна вечера за дечиња, пишете ми. Сите предлози и идеи се добредојдени затоа што на сите понекогаш без разлика колку и да сме умешни во кујната навистина ни фалат идеи.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *