Интегрални панцероти со доматен сос и печурки

Одличен предлог за вкусен оброк.

Потребни состојки:

  • 300 g интегрално пченично брашно
  • 2 лажици маслиново масло
  • ½ квасец
  • околу 100-200 ml млака вода
  • малку сол и зачини по желба
  • за фил: доматно пире, оригано и печурки (можете да додадете и кашкавал или моцарела).

Начин на подготовка:

Најпрвин подгответе го квасецот, јас го подготвувам на следниот начин: го ставам во сад во кој додавам малку млака вода, прстофат кафеав шеќер и 1 лажица брашно, мешам убаво дури квасецот не се растопи и го оставам на топло околу 10-15 минути за да се активира.

Брашното истурете го во длабок сад и направете му дупче на средината, во дупчето ставете го активираниот квасец, додадете маслиново масло и зачини и уште малку млака вода. Полека замесете го тестото и оставете го да стаса околу 30-40 минути.

Кога ќе нарасне измесете го уште еднаш и извлечете од него потенка кора. Со кружна чинија извадете поголеми кругови. Од оваа количина на тесто јас добив 6 кругови, односно 6 панцероти. Премачкајте ги со доматен сос, оригано, ставете печурки и со помош на виљушка затворете ги.

Доколку сакате да се сјајни можете одозгора да ги премачкате со жолчка и растопен путер и по желба можете да наросите и малку сусам.

Печете на температура од 180°С околу 20тина минути.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *