Ишлери од овес и чиа семе

Споделете со пријателите

Крцкави, здрави и совршени.

Јас ги мачкав со џем од сливи без шеќер и додатоци, но можете и со било каков друг џем (можете да си направите и сами од овошје мед и чиа семе) или пак да ги мачкате со домашна нутела. Еве предлог рецепти доле на линковите.

Како сами да подготвите домашна здрава Нутела

Здрав џем без термичка обработка од боровинки или капини и чиа семе

Потребни состојки:

*од оваа смеса добив околу 25 единечни бисквитчиња или 12 дупли ишлери со фил*

  • 180 g овесни снегулки
  • 50 g чиа семе
  • малку прашок за пециво
  • 2 лажици мед
  • 1 јајце
  • 1 банана
  • 50 ml млеко (може и растително кокосово/бадемово/оризово).

Moжеби ќе ве интересира: Како сами са си направите домашно бадемово/кокосово или оризово млеко? 

Начин на подготовка:

Овесните снегулки и чиа семето јас ги ставив во блендер за да се добие смеса налик на брашно, иако не мора. Сепак, ако не ги блендирате користете од кршените овесни снегулки. Во таа смеса на крај го додадов прашокот за пециво (многу малку можеби пола лажиче).

Во друг сад ги измешав сите други состојки и да ми биде побрзо ставив се во блендер. На крај двете смеси ги соединив и смесата ја оставив во фрижидер околу 30 минути. За тоа време чиа семето убаво ги поврза состојките и самата смеса стана многу потврда.

Ја ставив на хартија за печење, а од хартијата ставив и од горе па со сукало извлеков тенка кора (секогаш кога со сукало правам кора за колачи одозгора ставам хартија за да не се лепи сукалото, пробајте многу е практично).

Со калапче т.е во мојот случај со чаша извлеков мали кружни форми, на пола од нив им направив и дополнително дупче на средината.

Ставив да се печат на 180ºС околу 20-тина минути.

На крај ги намачкав со џемот од сливи.

Совршени се за појадок или ужина заедно со чаша топол чај.

На здравје!

Повеќе идеи за здрави рецепти, пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *