ЈИН ЈОГА – специфичен стил на јога со силно дејство врз сврзаните ткива, тетивите, лигаментите, зглобовите и фасцијата

Споделете со пријателите

Јин Јогата е еден специфичен стил на Јога која не е замислена како комплетна пракса сама по себе, туку повеќе како надополнување на сите други видови и стилови на вежбање. Надополнување во права смисла на зборот затоа што сите активности кои секојдневно ги извршуваме, сите активности кои ги практикуваме како физичка вежба се Јанг, само Јин часовите го даваат тоа уникатно и единствено искуство.

За разлика од сите други Јанг активности каде што главниот акцент е ставен на мускулите, Јин Јогата е посветена на Јин ткивата и тоа: сврзните ткива, тетивите, лигаментите, зглобовите и многу важната ФАСЦИЈА.

Фасцијата е орган кој е многу малку познат, а е од голема важност за целокупното здравје на човекот, иако во последните десетина години почнува да буди интерес во многу области кои го опфаќаат здравјето на човекот и општата добросостојба.

Што е фасцијата и зошто е важна?

Фасцијата е пред се обвивка која ја имаме околу се во нашето тело. Најпластично објаснување би било: кога би ги извадиле сите коски, органи, кожа, крвни садови од нашето тело, ние сепак би останале во истиот облик, би останале да си личиме на нас. Или пак, кога сте спремале месо – таа лепливата смеса околу месото, а исто така и таа силната и жилава ципа што тешко се сече – и тоа е фасција…

Значи ја има секаде: околу мускулите, коските, зглобовите, нервите, органите и системите на органите и на тој начин претставува една целина. Таа е сврзното ткиво во телото.

Фасцијата содржи поголем број рецептори отколку што има во мускулите (некаде се спомнува 6-10 пати повеќе) и има силно влијание на нервно-мускулната физиологија. Таа реагира на физички дразби како што се повреди, но и на негативни мисли и емоции, стресови. Ваквите информации фасцијата ги памти и ги манифестира во собирање и крутост, во своите ткива.  

Најголем процент во нејзиниот состав е водата, дури 70 %, па потоа колагенот и други елементи…Таа ги држи нашите органи на одредено растојание без разлика во која положба се наоѓаме и го штити телото од повреди. Во исто време ги спојува, но и ги раздвојува органите. Дозволува лизгање меѓу органите и размена на информации за подобро функционирање.

Ви текнува на „рефлексна“ болка? На пример вас ве боли рамото, а всушност имате проблем со желудникот….тоа е сигнал од фасцијата. За да ја одржуваме фасцијата здрава, а со тоа и сите органи и врски во телото, потребно е секогаш да бидеме добро хидрирани и секако да бидеме физички активни!

Специфичните положби во Јин Јогата кои се задржуваат по минимум  3 минути па и повеќе ја таргетираат фасцијата, сврзните ткива, сите тетиви и зглобови и овозможуваат физички, физиолошки и функционални придобивки за нашето тело.  

Јин Јогата исто така и смирува, ревитализира и не учи да го прифаќаме нештото точно така како што е во дадениот момент.

Оваа пракса е одлична за луѓе кои се многу активни и динамични, на кои им е тешко да застанат од секојдневните активности. Јин Јогата на некој начин е вид на терапија каде што и не мораме се умствено да разбереме, туку само се препуштаме без прашалници во главата. Сите спортисти, професионалци и аматери, би требале да посетат Јин Јога час еднаш во неделата.

Некои од најголемите предности од Јин Јогата по здравјето на човекот се:

  • Зголемување на мобилноста на телото, посебно на зглобовите и колковите;
  • Поголема флексибилност во зглобовите и сврзните ткива;
  • Поголема издржливост;
  • Подобро подмачкување и заштита на зглобовите;

Исто така и:

  • Смирување и балансирање на умот и телото;
  • Снижување на нивото на стрес;
  • Намалување на анксиозноста;
  • Подлабока релаксација.

Породи силните ефекти и здравствени придобивки Јин Јогата веќе е дел од активностите кои можете да ги вежбате кај нас во FITLIFE.

Моментално вежбаме online и Јин Јога имаме во недела во 18.00 часот.

Исто така кај нас можете да вежбате и Хата Јога – прочитајте повеќе. Online Хата Јога имаме во вторник и четврток во 17.00 часот.

Текстот е напишан од јога инструктор Марина Пешиќ.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *