Како да го зајакнете имунитетот?

Споделете со пријателите

Замислете го имунитетот како телесна “војска” која има за цел да го брани и штити телото од штетните надворешни влијанија и од патогените микроорганизми…

Имуниот систем не е една клетка, самото име кажува дека станува збор за систем, на кој за да функционира добро ми треба баланс и хармонија. Иако имунологијата е наука која е добро развиена, сепак не сите фактори кои влијаат позитивно или негативно врз имунитетот и начините на кои влијаат се целосно истражени и доволно разбрани.

Од сите досегашни испитувања/истражувања науката нема цврсти докази (клинички студии) за поврзаност помеѓу животниот стил и подобрувањето и зајакнувањето на имунитетот. Но, тоа не значи дека нема поврзаност на вежбањето, здравата исхрана и одредена храна врз подобрување и зајакнување на имунитетот. Експерименталните и ин виво студиите потврдуваат многу претпоставки и токму поради тоа не смеат да бидат занемарени, но сепак за со сигурност да се воспостави некоја корелација се потребни долгорочни клинички испитувања.

Природен начин на зајакнување на имунитетот

Првата линија на одбрана е здравиот животен стил! Колку и да нема цврста потврда од науката, кога телото живее во хармонија, тоа функционира беспрекорно.

Секој орган, органски систем и секоја клетка во нашиот организам функционираат подобро кога се во оптимизирани услови. Пример пушењето или пак консумирањето храна која е полна со транс-масти ја пореметуваат телесна рамнотежа.

На кој начин?

Во чадот од цигарите има многу канцерогени и штетни супстанци кои можат да предизвикаат оштетувања во телото, да го зголемат оксидативниот стрес и да предизвикаат нарушувања на ниво на ДНК, тоа понатаму може да доведе до мутации кои можат да предизвикаат одреден малигнитет.

Храната богата со тран-масти предизвикува инфламација во телото. Инфламацијата е воспалителен процес покренат од имуниот систем, што активира инфламаторен одговор во кој е вклучен имунитетот. Па замислете наместо телото да се бори со штетните патогени од надвор и да не штити од сериозни микроорганизми тоа се труди да го намали инфламаторниот одговор од храната која можеме да се контролираме да не ја внесуваме.  

Едноставни начини да го зајакнете имунитетот:

  • не пушете
  • јадете овошје и зеленчук секој ден – со овошјето внимателно, а свеж зеленчук и салати колку сакате
  • вежбајте
  • одржувајте здрава телесна тежина
  • ако пиете алкохол, пијте умерено – никако секој ден, па макар да било тоа и само 1 чаша вино
  • спијте доволно и квалитетно
  • одржувајте лична хигиена секојдневно – мијте ги рацете, но внимавајте и на готвењето на храната, особено на храната од животинско потекло која може да содржи микроорганизми (термичката обработка на ваква храна е задолжителна)
  • потрудете се да го минимизирате стресот
  • останете позитивни.  

Имунитетот и возраста

Како што старее телото, способноста за имунолошки одговор е намалена, што пак придонесува за повеќе инфекции и појава на карцином кај повозрасната популација.  

Иако многу луѓе стареат здраво, заклучокот на многу студии е дека во споредба со помладите, постарите лица имаат поголема веројатност да заболат од заразни болести и што е уште полошо да умрат од нив.

Респираторните инфекции, грип, а особено пневмонија се водечка причина за смрт кај луѓе над 65 години низ цел свет. Никој не знае со сигурност зошто се случува ова, но некои научници имаат став дека овој зголемен ризик е во корелација со намалување на Т-клетките од тимусот кој има тенденција да атрофира со возраста и  да произведува помалку Т-клетки кои се одговорни за борба против инфекцијата. Дали ова намалување на функцијата на тимусот го објаснува падот на Т-клетките или дали другите промени играат улога не е целосно разбрано.

Исто така постојат претпоставки дека самата коскена срцевина станува помалку ефикасна во производството на матични клетки што доведува до пад на клетките на имуниот систем.

Намалувањето на имунолошкиот одговор на инфекции е докажано со мерење на реакцијата на постари луѓе на вакцини. Пример, студиите за вакцини против грип покажуваат дека кај луѓе постари од 65 години вакцината е многу помалку ефикасна во споредба со здрави деца (над 2 години). Но, и покрај намалувањето на ефикасноста, вакцината за грип значително ја намалува стапката на болест и смрт кај постарите луѓе, споредено со постари луѓе кои не биле вакцинирани.

Исто така постои одредена поврзаност помеѓу исхраната и имунитетот кај постари лица. Неухранетоста или малнутрицијата што е изненадувачки честа кај постарите дури и во богатите земји е позната како „микрохранлива неухранетост“. Микрохранлива неухранетост, претставува состојба во која луѓето имаат дефицит од некои есенцијални витамини и минерали во трагови. Ваквата форма на микрохранлива неухранетост може да има навистина огромни ефекти врз здравјето и имунитетот, а е многу поизразена кај постарата популација.

Постарите луѓе имаат тенденција да јадат помалку и често имаат помала разновидност во своите оброци.

Едно важно прашање е дали додатоците во исхраната можат да им помогнат на постарите луѓе за одржување на поздрав имун одговор. Многу студии потврдуваат дека биорасположливоста и искористливоста на витамините и минералите е многу поголема од храната отколку од додатоци во исхрана. Причината најверојатно лежи во фактот што храната претставува еден сложен матрикс кој ја олеснува апсорпцијата и ја зголемува биорасположливоста на нутрититентите на ниво на клетка.

Сите овие фактори се една од причини што и моменталниот корона вирус е многу пофатален за повозрасната популација и за оние кои имаат одредени коморбидитети.

Исхраната и имуниот систем

Луѓето кои живеат во сиромаштија и се неухранети се поранливи на заразни болести. Дали зголемената стапка на заболување е предизвикана од ефектот на неухранетост на имунолошкиот систем, сепак, не е сигурно.

Постојат некои докази дека разни недостатоци на микрохранливи материи – на пример, недостатоци на цинк, селен, железо, бакар, фолна киселина и витамини А, Б6, Ц и Е ги менуваат имуните реакции кај животните (студии ин виво).

Сепак, влијанието на овие промени на имунолошкиот систем врз здравјето на животните не е целосно разбрано и не е сигурно дали овие податоци можат да се реплицираат и кај хуманата популација. Иако како што спомнав и погоре јасно е дека за правилна делба на клетките и нормални физиолошки процеси е потребен оптимум од микронутритенти. Консумирањето на поголеми дози од препорачаните витамини, еве на пример ќе го земам витамин Ц нема докази дека ќе помогне во зајакнување на имунитетот. Големата количина на витамини може само да го зголеми оптеретувањето на бубрезите и црниот дроб кои сите супстанци кои се внесени од надвор и не му се потребни на телото ги третираат како ксенобиотици и се трудат преку метаболички трансформации да ги елиминираат надвор од телото.

Сепак без разлика на се, во наши раце е исхраната и тоа што го внесуваме во телото. Затоа да останеме разумни и свесни и да се трудиме да се храниме максимално разновидно и балансирано, помагајќи му на телото на тој начин полесно да се избори со било каква вирусна или бактериска инфекција.

Дали билките и хербалните додатоци помагаат за зајакнување на имунитетот?

Многу од природните состојки во билките и растенијата покажуваат имуномодулаторни својства, иако не постојат цврсти клинички докази за ова дејство.

Сепак, немаме никаква штета ако вклучиме куркума и црн бибер во оброкот или пак ако испиеме една чаша зелен чај во текот на денот.

Дали вежбањето има позитивни или негативни ефекти врз имунитетот?

Физичката активноста е еден од начините да го одржиме здравјето на оптимално ниво. Вежбањето го подобрува кардиоваскуларното здравје, го намалува крвниот притисок, помага за контрола на тежината и штити од многу заболувања. Но, дали вежбањето помага за подобрување и зајакнување на имунитетот?

Бидејќи вежбањето го подобрува здравјето во целост, помага и за подобрување на имунитетот. Поврзаноста на имунитетот и вежбањето е најверојатно поради зголемување и подобрување на циркулацијата што ја подобрува мобилноста на имуните клетки низ целиот организам со што тие полесно стигаат до местото каде има навлезено инфект.

Заклучок:

Оптималното здравје и одржувањето на силен имунитет се комплексени процеси кои зависат од многу внатрешни и надворешни фактори. Тоа што е во наши раце и што може да помогне во подобрување и зајакнување на имунитетот е редовна хигиена, здрава и балансирана храна, физичка активност, доволно вода, квалитетен сон, помалку стрес и позитивни мисли.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистар по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *