Кето (low carb) солени крекери со семиња и јатки

Ако не сте слушнале што е тоа кето исхрана, повеќе за неа можете да прочитате на линкот.

Но, и воопшто да не сте на кето, овие крекери се совршенство за било кој дел од денот. Одлична комбинација на јатки, семиња и зачини, без брашно и без масло.

Состојки (за околу 30 крекери):

  • 50 g ленено семе
  • 50 g чиа семе
  • 50 g сусам
  • 50 g семки од сончоглед
  • 50 g семки од тиква
  • 100 g бадеми
  • зачини: хималајска сол, црн бибер, оригано и буковец, може и лукче во прав
  • 1 лажица зрна сенф (може и обичен сенф)
  • 1 лажица песто сос (опционално) – не мора јас го ставив за вкус
  • околу 150 ml млака вода.

Начин на подготовка:

Најпрвин сите семиња и бадемите ставете ги во блендер или во процесор за храна за убаво да иситнат и соединат и да се добие смеса налик на брашно. Потоа додадете ги зачините, сенфот и песто сосот доколку го користите. На крај додадете ја водата која малку ќе ја загреете.

Измешајте убаво, треба да се добие густа леплива смеса.

Оставете ја смесата околу 30 минути за да може чиа семето и лененото семе да ја впијат влагата и да ги поврзат состојките.

Потоа истурете ја смесата врз хартија за печење и со сукало извлечете тенка кора (не многу тенка). За да не ви се лепи сукалото за смесата можете од хартијата за печење да ставите и одозгора, така многу лесно ќе направите тенка кора.

Потоа со нож исечете ја кората по должина за да направите коцки, може и триаголници, како сакате.

Ставете ги крекерите во рерна на 130ºС да се сушат околу 30-45 минути.

Неверојатни се! Можат да се комбинираат со салата, со павлака или кисело млеко, со сиренце или јајце.

Од нутритивен аспект еден крекер содржи:

Околу 70 калории, помалку од 1.5 g на вкупни јаглехидрати (тука спаѓаат и влакната), 6 g масти и 2.5 g на протеини.

Јас уживав во оваа комбинација! На здравје!


Можеби ќе ве интересира:

Солени кето мафини

Вкусен кето оброк: Полнето пилешко со пармезан

Low carb кето брауни

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *