Вкусна кашичка со киноа (6+)

Киноата е супер житарица која можете да ја воведете на почетокот од дохраната. Не содржи глутен и лесно е прифатлива од страна на бебињата.

Можете да ја комбинирате и во зеленчукови и во овошни кашички. Вкусот е прилично неутрален.

Состојки:

  • 2-3 тркалца сладок компир
  • 1 помало јаболко
  • 2-3 лажички киноа
  • по желба можете да додадете и ¼ лажичка кокосово масло – јас додадов една мала капка

Постапка:

Компирот и јаболката ги лупите и ги ставате во сад за печење без масло и без никакви додатоци. Јас ги печев на тивко за убаво да омекнат. На температура од 150˚С околу 20-тина минути.

Киноата ја покиснувате во вода, најдобро навечер, но ако заборавите може и 1-2 часа (подолу прочитајте зошто е неопходно да се покисне). Потоа ја варите во сад со вода во однос 1:3. Кога целосно ќе распукаат зрната и ќе оменат, тогаш е готова.

На крај ставете се во блендер или пак со виљушка соединете ги сите состојки. Ако кашата е премногу густа за вашето малечко додадете малку мајчино или АД млеко, но можете да додадете и малку вода.

На крај по ваша желба, додадете многу малку кокосово масло, јас додадов 1 капка.

На здравје малечко!


Зошто да ја киснете киноата во вода?

Киноата е една од житарките која содржи најмногу фитинска киселина, која може да попречи во апсорпцијата на многу витамини и минерали. Попрецизно фитинската киселина ги врзува Zn2+, Mg2+, Ca2+ и Fe2+ и со нив формира нерастворливи комплекси кои не се апсорбираат, на тој начин се намалува оралната биорасположливост на овие минерали.

Киснењето во вода на житарките во кои се содржи, промовира нејзина разградба и на тој начин се спречува формирањето на комплекси со минералите.

Факти за киноата

  • Киноата има висока содржина на флавоноиди, вклучувајќи кверцетин и кампферол. Овие флавоноиди имаат антинфламаторни, антивирусни, антиканцерогени и антидепресивни својства.
  • Во 100 g киноа се наоѓаат околу 15 g диететски влакна, што е половина од прeпорачаната дневна доза за нормално функционирање на дигестивниот тракт и полесно празнење на цревата.
  • Киноата не содржи глутен и затоа е идеална намирница за оние кои се просетливи на него.
  • Киноата е одличен извор на протеини. Во 100 g киноа има 4,5 g протеини и за разлика од другите житарици киноата ги содржи сите есенцијални амино киселини.
  • Киноата е богата со калиум, цинк, железо, но најмногу со магнезиум.
  • Постојат студии за киноата со кои се потврдува дека киноата може да го намали нивото на глукоза, инсулин и триглицериди во крвта.
  • Киноата е многу богата со антиоксиданси.
  • Високата содржина на диететски влакна, протеините и нискиот гликемиски индекс се добра комбинација во борба против вишокот килограми.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *