Кој е најдобриот начин за трајно губење на килограмите?

Не постојат брзи, а ефикасни решениja

Не постои брзо слабеење кое ќе биде трајно и за тоа треба да бидете свесни. Бидете спремни дека секоја добра работа во животот бара време, така е и со слабеењето, колку повеќе време ви треба за да ги загубите килограмите, толку поефикасно сте ги загубиле.

Диетите кои гарантираат губење на 5 килограми за 5 дена најчесто имаат силен јо-јо ефект, па следните 5 дена кога ќе ја прекинете диетата ќе качите уште 5 кила дополнително.

Ако сакате вистински и трајни резултати бидете спремни да жртвувате подолго време и никогаш не започнувајте со екстремности. Започнете со промени во исхраната, па потоа продолжете и со воведување на физичка активност. Не се откажувајте брзо и бидете истрајни!

Заборавете на таблетите и на препратите за слабеење

Па зарем ако постоеше магична таблета за слабеење, ќе имаше луѓе со вишок килограми??? Дали си го поставувате ова прашање кога помислувате да ги купите таблетите за кои видовте реклама дека некоја девојка ослабела 20 килограми?

Да не се лажеме…и самите сте свесни дека тоа не ви е решение на проблемот, но барајќи лесен начин да се ослободите од вишокот килограми, потајно верувате дека можеби токму баш тие таблети ќе бидат ефикасни и ќе ви помогнат.

Нема магично стапче и за се треба труд и капки пот!!!

Калориски внес и потрошувачка

За почеток најбитно е да направите ревизија на тоа што и колку калории дневно внесувате, а колку трошите. За телото  да слабее треба да трошите повеќе од што внесувате, а тоа единствено може да го постигнете со физичка активност.

Но, не започнувајте со екстремности кои ќе ви предизвикаат разочарување. Започнете макар со 2 дена во неделата физичка активност и воведете секојдневно активно пешачње. Полека ден по ден зголемувајте го интензитетот. Енергијата која ја дава вежбањето ќе направи да бидете помотивирани и секој нов тренинг ќе ви биде полесен. Тоа ќе ве тера да додадете уште, и уште и уште…..

Промени во исхраната

Теоретски сите знаеме што е здраво и добро да се јаде, а кои намирници се најголеми непријатели на килограмите…но, во пракса не е толку лесно да исклучиме се и да се “репрограмираме” да јадеме само здрава храна. Затоа започнете со мали чекори кои водат до големи успеси. Исклучете го за почетокот благото, но јадете овошје. Дозволете си еднаш во неделата да каснете 1 ред темно чоколадо.

Овошјето јадете го до пладне, после ручек и навечер консумирајте повеќе зеленчук.

Следен чекор намалете го лебот или пак заменете го со интегрален, но тоа нека биде после одреден период откако сте го исклучиле благото затоа што ако направите преголема рестрикција на самиот старт многу е веројатно дека многу брзо ќе се откажете.

Навики во исхраната за добро здравје

Здравата исхрана би требало да ви го олесни животот, а не да ви го отежни. Не се опседнувајте со храната, и да направите прекршок не е крај на светот, ама сепак тоа да не биде секој ден.

Тој ден кога ќе изедете повеќе благо од што требаше, направате една прошетка плус и задолжително вежбајте, така ќе ги неутрализирате вишокот внесени калории и тоа чоколатце плус нема да има влијание на килограмите.

Вежбањето направете го стил на живот

Одењето во теретана или пак на некоја групна активност како аеробик, пилатес, зумба, јога и слично не би требало да биде нешто што кога ќе помислите ви создава притисок во себе.

Запомнете дека вежбате за себе…и да, има денови кога нема да имате енергија, но внимавајте тоа да не биде секој ден.

Не си давајте изговори пред себе дека еве денес немате време за вежбање, заглавивте на работа и сте премногу изморени за тренинг.

Недостатокот од енергија во телото не се случува поради недостаток од одмор, туку поради недостаток од движење. Начинот на живот влијае на вашата енергија, а вашата енергија влијае на расположението и на луѓето околу вас. Треба да бидете свесни за својата енергија и конструктивно да ја користите секојдневно.

Ние луѓето сме создадени за да се движиме! Бидете активни!!!

2 или 3 часа од цела недела сигурно можете да си посветите на себе, без разлика дали сте мајка на две деца, сопруга, студирате, учите и сл…сите го имаме истото време на овој свет, но во наши раце е како ќе го организираме.

Вежбањето подолг период предизвикува на еден начин “телесна” зависност и помага за долгорочно и трајно губење на килограми преку забрзување на метаболизмот. Луѓето кои вежбаат имаат помалку проблеми со отоци, констипација и недостаток на енергија. Едноставно е доколку вежбате телото поефикасно и поправилно успева да ги искористи микро и макронутритиентите од храната.

Што се случува со вашето тело и мускули кога вежбате?

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *