Која количина на храна е доволна за бебиња од 6 месечна возраст и деца до 2 години?

Споделете со пријателите

Правилната исхрана во првите години од животот, како и во текот на детството е многу важна за секое дете. Периодот од раѓање до 2 годишна возраст е круцијален за оптимален раст, развој и здравје на детето.

Многу од достапните студии укажуваат на фактот дека периодот од раѓање до 2 години настанува најголем раст и развој кај децата и тоа е период од кој понатаму ќе зависи здравјето и квалитетот на живот на детето. Доколку не се практикува правилна и соодветна исхрана и доколку дојде до недостаток од некој макро и микронутритиенти можат да настанат значајни пореметувања и проблеми во растот и развојот на детето.

Правилната исхрана е важна уште од првиот оброк и од аспект на здравје и правилен раст и развој, но и од аспект на избегнување на некои несакани алергиски реакции и други несакани ефекти кои можат да се јават кај бебињата, а понатаму и кај децата поради недоволно развиениот гастроинтестинален тракт.

Мајките кои се на почеток на воведување дохрана кај бебињата обично имаат многу прашања и многу неразјаснети работи, не се сигурни која храна е најбезбедна, во колкава количина да ја даваат, кога да дадат два, па потоа и три оброка?

Иако секогаш педијатарот треба да ги дава најсоодветните насоки, понекогаш се случува од двајца педијатри да се добијат контрадикторни мислења. Од другата страна на приказната се многуте достапни информации на интернет каде може да најдеме и да прочитаме се. Но, дали сме способни да правиме разлика која литература на интернет можеме да ја сметаме за релевантна?

Текстот во оваа статија е извадок од едно мое истражување кое го подготвував за моите магистерски студии по диететика и диетотерапија.

Информациите и заклучоците ги вадев од релевантни извори (медицина базирана на докази) кои се излистани на крајот од овој текст.

Почеток на воведување на храна кај бебиња

На почетокот се започнува со мала количина на храна и квантитетот на храната се зголемува како што детето расте, а во меѓу време се препорачува да се продолжи со доење согласно препораките на Светската Здравствена Организација (СЗО препорачува децата да се дојат до 2 годишна возраст).

Доењето има значаен нутритивен придонес, доколку продолжи и после првата година од животот на детето. Доените деца од 12 до 24 месеци кои пијат по околу 550 ml мајчино млеко на ден, добиваат околу 35-40% од дневните нутритивни потреби од мајчиното млеко [1] (сликата подолу). Поради релативно високата содржина на масти во мајчиното млеко, тоа претставува одличен извор на есенцијални масни киселини кои се многу значајни за целокупниот развој, но особено за развој на мозокот на детето. Мајчиното млеко обезбедува 70 % од дневните потреби за витамин А, 40 % за калциум и 37% за рибофлавин на возраст од 15 до 18 месеци [2].

Вкупните енергетските потреби на здраво, доено бебе на 6-8 месеци изнесуваат околу 615 калории, 686 калории кај бебиња од 9-11 месеци и 894 калории на возраст од 12 до 23 месеци.

Според препораките на Светска Здравствена Организација и UNICEF [3] енергијата која е потребна бебето да ја внесе со дохрана во периодот од 6 до 8 месеци е околу 200 калории на ден, 300 калории на ден од 9 до 11 месеци и околу 550 калории на ден од 12 до 23 месеци. Сепак сето тоа ќе зависи и од количина на мајчино  или адаптирано млеко кое детето ја добива, покрај оброците. Но, мора да се има во предвид дека потребите на секое бебе се индивидуални и зависат од варијабилноста во растот која е различна за секое дете.

Фреквенција на оброците и нивна енергетска густина

Бројот на оброци кои детето ќе ги добива зависи од енергетската густина на храната која ја јаде и количината која детето ќе ја внесува со секој оброк.

За просечно здраво бебе кое е на мајчино млеко, оброците кои се даваат како дохрана би требало да бидат поделени во 2 -3 оброци на ден во периодот од 6 до 8 месеци, со тоа што се стартува со еден помал оброк и после одреден период му се дава на детето и втор оброк или евентуално и трет како што ќе ја прифаќа храната, најчесто тоа е во 8-миот месец. Бебиња од 9-11 месеци би требало да јадат 3-4 оброци на ден, исто и од 12-24 месеци, со тоа што на возраст од 12 месеци веќе се потребни и ужинки меѓу оброците како некое парче овошје, бисквит, парче леб и слично.

За да се определи големината на оброкот и фреквенцијата на давање на оброци кај бебињата и децата, мора да се имаат во предвид одредени факти.

Гастричниот капацитет на бебето/детето изнесува 30g/kg тежина, а минималната енергетска густина на дохраната е околу 0.8 kcal/g.

Toa би значело дека дете на 6 месечна возраст кое во просек има околу 6-7 kg, има гастричен капацитет од 180-210g, ако храната/оброкот е со најниска енергетска густина од 0.8 kcal/g, а енергетските потреби од оброкот во тој период би требало да бидат 200 калории на ден (според СЗО, објаснето погоре), кашичка од 180 g би можела најмалку да биде 144 kcal што би значело дека за да се стигне до вредноста од 200 калории на ден фали многу малку.

Имајќи во предвид дека 0.8 kcal/g е сепак најмалата енергетска густина која може да ја има оброкот, многу е веројатно дека на бебе од 6 месеци можеби и 1 оброк на ден ќе му ги задоволи нутритивните потреби во случај оброкот да има поголема енергетска густина, односно да се состои од намирници кои содржат повеќе калории (комбинација од житарка, овошје или зеленчук).

Доколку оброкот содржи повеќе вода и е со помала енергетска густина, тогаш оправдано е на бебето кое е од 6-8 месеци му се понуди оброк два пати на ден. Доколку фреквенцијата на оброците е поголема од што е потребно, може да дојде до одбивање на детето од мајчино млеко затоа што енергијата која му е потребна на детето, ќе си ја задоволи со комплементарната храна која ја внесува.

Сепак воведувањето на храна треба да биде полека и на бебето да му се обезбеди доволно време за адаптација без значајно оптеретување на гастроинтестинлниот тракт.

За деца кои се на мајчино млеко и после 12 месеци се препорачува да имаат 3 главни оброци, ужинките помеѓу оброците може да бидат мајчино млеко или пак некое овошје, бисквит, парче леб и слично [4].

Разновидна храна и нутритивно вредни оброци

Децата треба да се хранат со разновидна храна со цел да сме сигурни дека се задоволени сите потреби за макро и микронутритиенти. Вегетаријански диети кај деца не можат да ги задоволат нутритивните потреби за правилен раст и развој и затоа доколку детето е на вегетаријанска исхрана, која во никој случај не е оправдана, треба да се администрираат дополнителни додатоци во исхраната.

Храна богата со витамин А треба да им се дава на децата секој ден, исто така и намирници кои содржат масти и протеини се задолжителни во секојдневното детско мени. Треба да се избегнуваат напитоци од типот на чаеви, сокови, газирани пијалаци кои се сиромашни со нутритиенти, но можат да попречат во правилната и нормална детска исхрана.

Поради рапидниот раст и развој потребата од витамини и минерали кај децата е голема. Мајчиното млеко може да даде значаен придонес за внес на одредени витамини, минерали, протеини и есенцијални масни киселини во периодот од 6 до 24 месеци, доколку мајката успее да го одржи доењето. Сепак, мора да се има во предвид дека мајчиното млеко е сиромашно со некој микронутритиенти како што е железото и цинкот.

На возраст од 9 до 11 месеци, процентот на препорачани дневни нутритивни потреби кои треба да бидат задоволени од дохраната изнесуваат 98% за железо, 86% за цинк, 81% за фосфор, 76% за магнезиум, 73% за натриум и 72% за калциум [5].

Со оглед на фактот што во периодот од 6 до 24 месеци количината на храна која што ја внесува детето е мала, многу е тешко да се задоволат тие нутритивни потреби од оброците.

Многу е важно во оброците на децата да биде вклучена храна од животинско потекло која е единствениот извор на некои есенцијални аминокиселини, масни киселини и витамини. Иако во првите 12 месеци тоа е навистина тешко затоа што поради алергиски реакции е ограничена употребата на храната од животинско потекло.

Млечните производи се добар извор на некои нутритиенти како на пример калциум, но од друга страна пак не му обезбедуваат на телото доволна количина на железо. Во првата година од животот не се препорачува да се консумира свежо млеко, освен адаптирана формула и мајчино млеко, се препорачува да се јадат млечни производи како несолено сирење, урда, кисело млеко, јогурт и слично.

Доколку постои фамилијарна историја на алергии на храна, свежо кравјо млеко би требало да се даде после 24 месеци, исто така и јајце, додека пак јаткастите плодови како на пример кикиритки дури после 36 месеци (3 години) [5].

Мастите се важни во исхраната на доенчињата и малите деца, бидејќи обезбедува есенцијални масни киселини, ја олеснува апсорпцијата на липосолубилните витамини, ја зголемуваат енергетската густина во храната и ги подобруваат сензорните квалитети на оброците. Мајчиното млеко е генерално богат извор на масти многу повеќе отколку првите оброци кои им се даваат на бебињата. Така, вкупниот внес на масти обично се намалува со возраста, бидејќи консумирањето на мајчиното млеко со текот на растот на бебето опаѓа. 30-45% од вкупната енергија дневно би требало да биде од масти. Доколку овие вредности се повисоки постои ризик од појава на дебелина кај децата што може да предизвика низа здравствени проблеми понатаму во животот, како што е дијабет и ризик од појава на кардиоваскуларни заболувања. Дополнително тука е и психолошкиот и социјалниот момент затоа што многу често дебелината кај децата влијае на нивната самодоверба што може да предизвика низа ментални и психички нарушувања.

Чаеви и напитоци кој можат да содржат кофеин не треба да им се даваат на деца, затоа што постои можност да интерферираат со апсорпцијата на железото. Од друга страна пак, напитоците кои содржат шеќери, треба да се избегнуваат затоа што можат да влијаат на денталното здравје на детето. Напитоците кои немаат нутритивна вредност можат само да попречат во внесот на другата нутритивно вредна храна намалувајќи го детскиот апетит [4].

Се надевам дека информациите погоре ќе им помогнат на младите мајки да си одговорат некои од прашањата кои ги мачат во врска со првата храна на нивните малечки.

На линкот во продолжение – Рецепти за бебе, можете да најдете некои идеи за бебешки кашички.


Литература:

  1. WHO Complementary feeding: Family foods for breastfed children. Geneva: World Health Organization. WHO/NHD/00.1; WHO/FCH /CAH/00.6, 2000
  2. Prentice AM, Paul AA. Fat and energy needs of children in developing countries. Am J Clin Nutr 2000;72:1253S-65S.
  3. WHO/UNICEF. Complementary feeding of young children in developing countries: a review of current scientific knowledge. Geneva: World Health Organization, WHO/NUT/98.1, 1998.
  4. PAHO/WHO Guiding principles for Complementary Feeding of the Breastfed Child, 2001
  5. Dewey KG. Nutrition, growth and complementary feeding of the breastfed infant. Ped Clin N Amer 2001;48:87-104
Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *