Краток практичен водич за слабеење (10 едноставни трикови)

Многу пати имам зборувано на темата, но тоа е затоа што највеќе прашања добивам за тоа – за слабеење, некако луѓето се оптеретени со тоа и постојано се во вечна борба со килограмите. Мислам дека дебелината полека, но сигурно станува глобален проблем, и не само естетски, верувајте тоа е најмалку битно, туку пред се здравствено.

Вишокот килограми многу често е асоциран со други пропратни проблеми како што е хормонскиот дисбаланс (тоа може да предизвика проблеми врз менталното здравје, врз плодноста, и општата благосостојба на телото).

Сведоци сме дека младите парови се почесто имаат проблеми со забременување, една од причините за тоа мораме да ја бараме и во квалитетот на живот, нашите навики, исхраната и секако тежината која е во директна корелација со здравјето.

Вишокот килограми може да предизвика и проблеми со кардиоваскуларниот систем и тоа ни е јасно на сите, но што всушност значи тоа.

Подмолно и без симптоми нашето тело се труди да компензира се “лошо” што ние му правиме, и иако можеби сега не чувствувате ништо (ако имате под 30 години), верувајте ми дека за некоја година како што телото старее ќе дојдат до израз тие хронични ефекти што дебелината и вишокот килограми ги имаат врз артериите и срцето.

Срцевиот удар е причина број еден за смртност и многу често може да се јави сосема ненадејно, но верувајте ми, не е ненадејно тоа е резултат на можеби 20 годишен процес и инфламација во телото која била добро компензирана се додека телото имало сила.

Еден од основните чекори кога е во прашање здравјето е одржување на здрава телесна тежина, иако секако и од ова правило може да има исклучоци (против генетика и генетски предиспозиции не можеме да направиме многу).

Но, тоа што е во наши раце и можеме да го контролираме, не смееме да го знемариме.

Пред некој ден објавив 7 дневен план за здрава исхрана кој може да ви биде од голема помош доколку сакате да намалите килограми.

Дополнително, концизно и јасно ви давам 10 практични совети кои можат да ви помогнат да ја контролирате тежината.

  1. Не користете шеќер, бело брашно и не ја досолувајте храната.
  2. Во денот имајте три оброци и измеѓу секој оброк оставете му доволно време на телото да ја свари храната околу 3-4 часа.
  3. Ако сакате да намалите килограми, заборавете на ужинките, измеѓу оброците пијте само вода или единствено незасладено кафе или чај.
  4. Трудете се храната што ја внесувате да има помал гликемиски индекс. За да ви е јасно што значи тоа прочитајте тука.
  5. Избегнувајте тесто (макар и интегрално во поголема количина), компири, ориз, грицки, чипсови, чоколади, но и многу овошје (од овошките најдобри и со најмалку шеќер се бобинките).
  6. Јадете месо, јајца, риба и комбинирајте ги со многу зеленчук.
  7. Вечерата да ви биде максимум 2 до 3 часа пред да одите во кревет, никогаш не легнувате си најадени, тоа ќе ви го наруши и квалитетот на сонот, но и ќе придонесе за трупање на килограми.
  8. Медот е здрав, но не е без калории, не претерувајте со него.
  9. Физика активност – знаете дека јас сум поборник за тоа, едноставно морате, таа ја овозможува рамнотежата помеѓу внесот и потрошувачката и има безброј позитивни ефекти врз здравјето (3 пати неделно по 1 час е оптимално).
  10. Сонот е есенцијален, од 6 до 8 часа се неопходни за нормално функционирање и тоа најдобро од пред полноќ до 6-7 часот наутро (во тој период телото е програмирано да спие).

Статии кои можеби ќе ве интересираат и ќе ви бидат корисни:

Како констипацијата може да го отежне губењето на килограмите?

10 најлесни начини како дневно да внесете 500 калории помалку

Што редовното вежбање му прави на вашето тело и здравје?

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *