Кремаст брауни колач со тиква (посно)

Споделете со пријателите

Имав многу убава печена тиква, а бидејќи не сум љубител на тиква решив да ја сместам во еден чоколаден кремаст брауни колач.

Колачот е многу вкусен и кога го јадете имате чувство дека јадете вкусен и чоколадно кремаст густ пудинг.

Дури мислам дека името колач не е соодветно ама бидејќи го печев кратко го додадов  и тоа име 😊

Потребни состојки (за 16 парчиња):

  • 4 лажици мелено ленено семе + 8 лажици вода
  • 150 g мелени бадеми
  • 4 лажици какао
  • 4 лажици кокосово масло
  • 200 g пире од тиква (варена или печена)
  • 2 лажици мед
  • 70-100 ml вода

Прелив: 1 лажица какао, 1 лажица кокосово масло и 1 лажица мед

Начин на подготовка:

Меленото ленено семе и водата ги измешав и ги оставив кратко за лененото семе да ја впие водата. Всушност вода и ленено семе е т.н растително јајце зошто има улога на емулгатор и поврзувач на сместа.

После 15-20 минути кога видов дека водата е убаво впиена сите состојки ги ставив во блендер и ги соединив убаво. Се доби убава густа и хомогена смеса која ја излив во плехче во кое ставив хартија за печење. Печев околу 15-тина минути на 180˚С. Потоа го извадив колачот и го прелив со преливот кој го подготвив така што ги измешав какаото, медот и кокосовото масло. Оставив да се излади и тоа е тоа!

Уште повкусно е ако го оставите во фрижидер да се излади!

Чоколадно, здраво и кремасто уживање!

Може да го давате и како ужинка на деца кои имаат над 1 година и немаат алергија на јатки и мед.

И да не ве збуни, колачот е кремаст и влажен, да не мислите дека не е испечен.

Нутритивни вредности по парче се на сликата подолу.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *