Ледена гранола со јогурт

Споделете со пријателите

Оваа ледена гранола со јогурт е толку вкусна што сигурна сум дека ќе се навраќате на рецептот се додека имате од гранолата.

Гранола може да си купите и од било кој маркет, но мој совет е да си ја подготвите дома затоа што само така сте сигурни за состојките кои ги има во неа.

Потребни состојки:

за гранолата:

  • 1 чаша овесни снегулки
  • 50 сува брусница
  • 1 лажица ленено семе
  • 1 полна лажица путер од јатки (јас ставив мешавина од кикиритки и лешници)
  • 1 полна лажица мед
  • малку сок од портокал

за леденото гранола уживање:

  • 1 чаша Баланс+ јогурт
  • 1 поголема банана или 2 помали
  • 1 лажица путер од јатки
  • 4-5 лажици од претходно подготвената гранола

Начин на подготовка:

Состојките за подготовка на гранолата измешајте ги во длабок сад и убаво соединете ги. Потоа истурете ја смесата на плех врз хартија за печење и оставете ја гранолата кратко да се запече за да крцка. Јас ја печев/сушев на 160˚С околу 10-15 минути. Проверувајте ја и ако има потреба мешајте со лажица.

Кога ќе зарумени и ќе стане крцкава извадете ја, почекајте кратко да се излади и ставете ја во тегличка.

Вака подготвената гранола е одлична и за подготовка на вкусен, здрав и балансиран појадок. Измешајте 4 лажици со една чаша Баланс+ јогурт и појадокот е готов.

За подготовка на леденото гранола уживање со јогурт ќе ви биде потребен силиконски калап или ако немате еден поголем можете и во мали калапи за мафини. Можете да користите и било каков сад, но многу полесно ќе го извадите десертот од силиконските калапи па затоа ги преферирам нив.

Бананата и јогуртот ставете ги во блендер и убаво соединете ги.

Во калапот кој ќе го користите ставете малку од гранолата, потоа врз гранолата ставете ја мешавината од јогурт и банана. Во тоа без мешање ставете и 1 лажица путер од јатки и на крај повторно уште 3-4 лажици гранола.

Гранолата ќе падне на дното и убаво ќе се распореди сама. Не мешајте, оставете така и ставете го леденото уживање да се замрзне.

За 2-3 часа ќе биде супер замрзнато и подготвено за јадење.

Начинот на подготовка можете да го погледнете и на видеото подолу.

На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *