Мојата пилатес приказна и бременоста

9 активни месеци, па потоа царски рез, бебе и пак назад во сала за еден месец….

Ви ја пренесувам искрено и од срце целата моја пилатес приказна…Се надевам дека овој мој искрен текст ќе биде мотивација за многу идни мајки.


Тие што ме познаваат добро знаат дека вежбањето е моето секојдневние. Вежбам активно и посветено од 13 години, сега имам 27, што значи цели 14 години без никакви паузи (само 2 недели после царскиот рез, но тогаш морав).

Бременоста ми беше тотално планирана, многу сакав бебе, но се плашев како ќе го менаџирам мојот динамичен живот и како бременоста ќе се вклопи во моите секојдневни тренинзи.

Си реков “Нека се случи па ќе му ја мислам”…..и се случи многу брзо и затоа бев посебно среќна затоа што сум свесна колку во денешното динамично време младите парови се борат со неплодноста.

Здравата исхрана, вежбањето и на некој начин целокупниот здрав животен стил што го имаме и јас и сопругот мислам дека беа пресудни за тоа.

Двете црвени линии ги видов во март 2018. Ден пред да видам две линии трчав 8 km и се чувствував супер, имав некое длабоко претчувство дека нешто се случува во мене, и на крај интуицијата не ме излажа. Не ни чекав за да ми доцни циклусот, знаев! Направив тест еден ден порано! И да….позитивниот тест иако очекуван беше вистински шок и за мене и за сопругот, беше тоа позитивна радост, но и страв од непознатото. Се случи во еден период кога имав навистина голема пресвртница во животот, две недели пред да прекинам со работа на претходното работно место каде работев како фултајм фармацевт, паралелно водејќи си го и студиото, сајтот и сите тренинзи (тогаш имав само една локација).

Во тој период решив дека сакам да се посветам на моето хоби, да го работам тоа што ме исполнува и што ми ја храни и душата и телото и да го имам целото време на светот за да уживам. Сакав и дете и знаев дека со темпото кое го имав тогаш нема шанси да успеам во се. Навистина не ми беа битни парите и тоа колку ќе заработувам. Бев осудувана од многу луѓе околу мене како напуштам работа во стабилна фирма во која секој би посакал да работи и многу луѓе се чудеа како тоа јас со моите тогаш 25 години превземам такви чекори во време кога сите бараат работа. Дополнително за сите беше чуден фактот што со завршен Фармацевтски факултет кој воопшто не е наивен за студирање ризикувам и бирам да работам работа која нема врска со фармација. Но, имав поддршка од семејството и мојот партнер и тоа ми беше најбитно.

Понекогаш навистина е потреба храброст за одредени одлуки во животот….навистина никако не можев да се визуелизирам себе во иднина како секој ден станувам во 6 и одам на работа, секој ден исто, па исто, па исто…едноставно не можев…. имав многу идеи, планови и желба да се развивам во друга насока. Животот е таков што ако не ризикуваме нема ни да добиеме, иако не бев на чисто дали ќе успеам или не, решив да превземам чекор. Знаев дека ќе имам пред себе борба и многу понапорна работа, но од денешен аспект воопшто не се каам. Навистина сум среќна и исполнета и уживам во тоа што го работам.

Кога дознав дека сум трудна, знаев дека за 2 недели прекинувам со работа. Тоа ми беше некако уште поголема среќа затоа што знаев дека ќе можам да се посветам на себе си и да уживам максимално во бременоста. Но, од друга страна се плашев. Што ако не можам да ги менаџирам тренинзите? Што ќе се случи тогаш? А, јас веќе си имав дадено отказ. Имав тотална и 100% поддршка од сопругот кој цело време ми повторуваше јас и бебето да бидеме добро, а се друго кога-тогаш “ќе си легне на брашното”.

Работите тргнаа подобро отколку што очекував.

Првото нешто што го направив кога ги видов двете линии, се фрлив на пребарувања низ интернет за вежбањето и бременоста. Наидов на многу позитивни примери и бенефити од вежбањето и бременоста. Се плашев да продолжам по старо, а од друга страна немав многу избор. Докторот ме советуваше да внимавам и да си го слушам своето тело. Но, што е тоа да внимавам? Како јас да си го сфатам и преведам тој збор во мојата глава?

Сепак, решив се што читав и слушав наоколу да го оставам на страна и да си го слушам телото. Јас се чувствував прекрасно и немав причина за да не вежбам. Сите тековни прегледи покажуваа дека бебето се развива одлично и дека сите параметри се во нормални граници. Од некои доктори бев осудувана, како тоа вежбам толку напорно, сум смеела само да се истегнувам и да правам некои лесни и основни вежби специфични за трудници.

Искрено решив да игнорирам се, веќе после третиот месец кога одев на контроли не го ни споменував вежбањето, а си вежбав баш секој ден, чекав само да ми кажат дека се е во ред и тоа ми беше доволна потврда дека ДА вежбањето и мене и на бебето ни годи.

Држев часови секој ден, некои денови држев и по два часа иако гледав тоа да е ретко (само кога морав), еден ден во неделата задолжително правев пауза за регенерација на мускулите.

Имав огромна поддршка и разбирање од моите девојки (инструкторки) со кои заедно ги држиме часовите во студиото. Намалив со држење аеробик и се фрлив на пилатес. Држев по 6 часа неделно нормални тренинзи и вежбав заедно со сите вежбачи, однесувајќи се едноставно како да не сум трудна. Ги вежбав сите вежби, правев и скокови и некогаш кога немаше кој држев и аеробик (2 или 3 часа аеробик држев и во 9-ти месец 😊).

Се чувствував прекрасно!

Во тој период некаде на средина на бременоста ни излезе прилика за отворање на уште една локација. Јас бев навистина скептична затоа што на некој начин бев со врзани раце. Како ќе менаџирам уште една локација и дупло часови од што имавме претходно кога сум трудна, а после тоа ќе бидам мама и нема да го имам цело време на светот за работата. Но, сепак со поддршка од девојките и од сопругот се случи и втората локација. Кога започнавме со работа во студиото во Кисела Вода јас бев 7-ми месец трудна, но се си течеше по план. Јас си држев часови секој ден иако претходно мислев дека веќе во 7-миот месец ќе бидам огромна и нема да можам ни да се движам 😊 тоа не се случи и тогаш во 28-30 недела од бременоста имав некое мини стомаче и едвај се забележуваше дека сум трудна. Некои од девојките што доаѓаат да вежбаат знаеја да искоментираат “Еј трудна си, ама сигурно на почеток, едвај ти се познава”. Кога ќе кажев дека сум 7-ми месец сите ме гледаа со неверување 😊

Негде до 32 недела ги вежбав сите вежби, освен оние со лежење на стомак секако (нив ги вежбав до крај на третиот месец). Веќе кога бебето излегува од карлицата не се препорачува да се лежи директно на стомак. Во последните 2 месеци избегнував да правам многу стомачни. Правев и тогаш, но не по 200 на час како што знаев претходно. Им ги покажував вежбите на девојките и правев по 3-4 од секоја вежба, па потоа ги гледав дали прават правилно. Пилатес часовите што ги држев цела бременост не беа воопшто наивни и на крај на последниот час кој го одржав еден ден пред да се роди Ана ми искоментираа дека сум се надминала и дека ќе ми го памтат тоа потење 😊 (јас знаев дека ми се ближи денот и некако имав голема сила и енергија).

Вежбањето во бременоста ме направи да не ни почувствувам дека сум трудна, последниот месец кога одев на последните ЦТГ прегледи, во чекалната на болницата постојано се среќавав со трудници кои беа исто толку трудни колку и јас и навистина разликата беше огромна, некои од нив едвај и се движеа, јас бев како некое девојче што залутало и чека за некој преглед. Последните недели личев дека сум трудна, но не 9-ти месец (максимум 4-ти). Сигурно некои од нив си помислувале што чека оваа за ЦТГ 😊

Бев среќна затоа што успеав да ги надминам сите оние потешкотии со кои се среќаваат трудниците, немав отоци, задршка на течности немав ама баш никаква, притисокот цело време ми беше нормален, шеќерот исто така. Проблемите со констипација и хемороиди кои знаат да се непријатни особено последните месеци од бременоста исто така не почувствував што значат. Биохемиските крвни параметри ми беа одлични, пиев само витамини за трудници и ништо друго. Железото кое е нормално да се намали после 5-тиот месец ми остана нормално, хемоглобинот исто така. Крвната слика во текот на сите 9 месеци ми беше перфектна!

Во целата бременост се поправив само 5-6 kg. Кога останав трудна имав 54 kg, а на крај на денот кога отидов во болница едвај 60 kg. Ана се роди 3040 g што значи дека не сум качила ништо. Од тие 6 kg, 3 kg на бебето и другите 3 kg беа вода и плацента. Кога се вратив од болница 4 дена после породувањето бев 52 kg, што значи 2 kg помалку од пред да останам трудна.

Се породив со царски рез затоа што Ана беше поставена карлично. Бев убедена дека ќе се сврти и ќе имам лесен и природен пораѓај, но за жал таа си имаше други планови 😊. Искрено можеа да ме породат и природно, но сепак беше многу ризично. Да родам здраво бебе ми беше приоритет така што царскиот рез беше единствениот разумен избор.

Но, иако породена со царски рез, стомакот ми се повлече за помалку од 7 дена и ми беше како никогаш да немало бебе во него. Стрии никакви! Тонусот на стомачните одма се врати, иако искрено не очекував толку брзо. Сепак вежбањето во бременоста и формата која ја имав претходно си го направија своето.

Јас искрено немав некои преголеми очекување, не си давав себе си некоја цел дека не смеам да се здебелам, дека морам да си ја вратам формата, ми беше битно бебето да ми е живо и здраво и се да биде во ред. Но, сепак сплетот на околности, сите тренинзи и здравата исхрана имаа навистина многу позитивно влијание.

Сакав брзо да закрепнам од породувањето за да можам да се вратам во нормала. Царскиот рез е оперативен зафат кој воопшто не е наивен, првите денови имав такви страшни болки што само оние кои го почувствувале тоа знаат, мислев дека никогаш повеќе нема да бидам старата и подвижна Драгана. Но, кога се вративме дома од болница, движењето и активностите низ дома околу бебето ми ги намалија болките кои со секој нов ден стануваа се побледи и побледи.

Тоа што имав активна бременост и што секако не качив килограми многу ми помогна за закрепнувањето потоа. После 6-7 ден од породувањето секој ден правев прошетки од по 30 минути, се туширав со топла, па потоа одма со ладна вода за да ја зголемам циркулацијата, се хранев здраво, пиев доволно вода и навистина сите овие работи синергистички ми помогнаа побрзо да застанам на нозе и да се вратам во нормала. После 10-12 дена се чувствував прекрасно. Ова подолу ми е слика од 30, 34 гестациска недела и 12 дена после породувањето.

Тогаш на 12-тиот ден после породувањето започнав и со многу слаби тренинзи дома, од докторот бев советувана дека 12 недели не смеам да вежбам никако, тоа се цели 3 месеци. Јас знаев дека тоа нема шанси да биде, но не преговарав, само му реков на докторот “Во ред докторе ќе внимавам”. И тој познавајќи ме знаеше дека нема да чекам 12 недели 😊

Првото вежбање ми беше како што реков погоре после 12 дена и тоа само 5 минути, основни вежби, некое благо тегнење, некои лесни движења во место и толку, секако и прошетката од 30 минути која ми беше задолжителна. Следниот ден зголемив на 10 минути, па еден ден пауза, па 15 минути и се така додека не стигнав до 1 час вежбање. Сепак многу внимавав кои вежби ги правам, избегнував вежби кои ги афектира директно стомачните мускули, иако тешко е да ги изолираш сепак внимавав многу.

Кога успеав да направам тренинг од 1 час бев најсреќна, затоа што знаев дека сум на добар пат да се вратам на старо. Тоа беше 1 месец после породувањето. Ана се роди на 20-ти ноември, а јас на 25-ти декември веќе го држев мојот прв пилатес час како мама. Потоа фати Нова Година и празниците па со фул тренинзи се вратив во сала од 8-ми јануари.

Од тогаш почнав да си држам нормални и регуларни тренинзи по 6 пати неделно (внимавам секогаш да имам 1 ден во неделата пауза за регенерација на мускулите), некои денови вежбам и два пати, првите месец дена од враќањето во сала избегнував да правам стомачни. Девојките имаа разбирање и само им покажував па им броев, но кратко потоа се вратив на старо и ги правев сите вежби. Кога отидов на контрола после 6 недели од царскиот рез, докторот ме охрабри дека е се супер и дека раната многу добро закрепнува. Тоа ми беше зелено светло дека сум на добар пат. Кога му кажав дека јас “подвежбувам” се насмевна и ми рече “Знам и знаев, само внимавај со стомачните, сепак си стручна и знаеш што можеш”.

После 5 месеци отидов повторно на преглед за да видам дали е се во пред затоа што се уште немав добиено циклус. Докторот дури со неверување ми рече дека не само што се е супер зараснато, туку и дека матката на ехо изгледа како да сум оперирана пред две години, а не пред 5 месеци. За циклусот ми рече дека ќе почекам уште некој месец дури ја дојам, но тоа искрено ми годи 😊

Да напоменам дека ја доев Ана ексклузивно 6 месеци и уште ја дојдам, тоа е исто така една цела приказна. За тоа имав друг пост каде го споделив моето искуство со доењето и вежбањето – Моето искуство со доењето/ До кога да доите?

Со овој текст сакам да ги мотивирам мајките дека бременоста е физиолошка состојба за која телото на жената е создадено. Мојот пример е доказ дека доколку имате нормална бременост треба да останете максимално подвижни и активни, што ќе ви помогне да имате лесна бременост, лесен пораѓај (доколку е се во ред и се породувате природно) но и лесно и брзо закрепнување потоа.

Многу е важно секоја жена да си го слуша своето тело. Доколку сте вежбале пред бременоста и имате нормална бременост, нема ама баш никаква причина да не вежбате и во бременоста, тоа може да биде само позитивно и за вас и за вашето бебе. Сепак, треба да внимаваат оние трудници кои имаат патолошка бременост која бара мирување и внимателност.

100 пати сум кажала и пак ќе кажам дека не се битни килограмите кои ќе ги качите и колку брзо ќе ги симнете, битно е здравјето на бебето, вашето здравје и тоа како се чувствувате.

Енергијата која ја носиме во себе ја пренесуваме на сите околу нас, а особено на нашите деца.

Сигурно сакате да имате ведро, среќно и  исполнето дете! Не заборавајте дека вие сте примерот за него!

Мене бременоста и целото закрепнување потоа ми се едно многу позитивно искуство.

Битна ми беше енергијата која ја имав и леснотијата со која се носев 9 месеци, благодарение на физичката активност и здравата исхрана!

Се надевам дека со овој мој искрен текст напишан од срце ќе охрабрам многу идни мајки да уживаат максимално во најубавиот период од нивниот живот и да не се плашат од физичката активност која доколку е правилно дозирана, може да има повеќекратни позитивни ефекти и за мајката, но и за бебето!

Директно или индиректно бев позитивен пример за многу мајки кои често се интересираат и прашуваат за пилатес за трудници. Во нашето студио немавме специфична група за трудници, но постојано има по некоја идна мајка која вежба во стандардните групи со наш надзор и модификации. Бидејќи мислам дека интерес ќе има, а јас имам навистина едно убаво трудничко, но и вежбачко пилатес искуство позади себе, решив програмата да ја збогатам со една таква група специфична за трудници.


Групата ќе ја формираме доколку се пријават минимум 6 членови. Истата би стартувала од 2-ри септември.

Локација: Кисела Вода

Термини: понеделник и среда од 20.00 до 20.50 часот.

Цена: 1000 денари/ месечно

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *