Нутритивен омлет

Споделете со пријателите

Иако рецептот за овој омлет веќе го имам во видео објавата со три балансирани оброци во тек на еден ден, сепак сметам дека е добро да го имам и како посебна објава затоа што овој оброк е нешто што морате да го пробате.

Ќе ви стане омилен, во тоа сум сигурна!!!

Нутритивниот омлет јас го подготвувам и за појадок и за вечера и е еден од најчестите оброци во моето неделно мени (2-3 пати задолжително).

Подготовката е навистина едноставна и лесна, а добивате одличен нутритивен оброк полн со протеини, влакна и многу хранливи нутритиенти.

Потребни состојки:

  • 2 јајца
  • 2 лажици овесни снегулки
  • малку сирење (може и урда)
  • нешто зелено (спанаќ, блитва, но може дури и рендан морков)

Горенаведените намирници се задолжителни, тие се основата на овој нутритивен омлет. Дополнително секогаш плус додавам и други хранливи намирници за да ја зголемам хранливоста на оброкот.

Можете да додадете и 1 лажица пченични никулци, ленено семе, сончоглед, сусам, семки од тиква или пак маслинки. Играјте си и со зеленчукот, можете да ставите се од зеленчук. Некогаш знам да додадам и 1-2 лажици јогурт, но и тоа е опционално.

Спанаќот и блитвата не ги обарувам претходно туку ги ставам свежи.

Начин на подготовка:

Мешате се заедно во еден сад со маталка. Ја излевате содржината на убаво загреана тава со капка маслиново масло и пробувате да го пржите омлетот како палачинка. Мене многу често ми се распаѓа ама искрено тоа нема врска. Оброкот секако е највкусен на свет па дали ќе биде цела палачинка или не ич не ми е битно 😊

Комбинирајте го задолжително со свежа салата и не јадете леб со него во никој случај. Доволни се јаглехидратите од овесните снегулки.

На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *