Нутритивна терапија и промена на животниот стил за третман на дијабетес

Споделете со пријателите

Шеќерната болест (Diabetes mellitus) претставува ендокрино метаболичко нарушување кое се карактеризира со хронична хипергликемија, односно постојано покачени вредности за глукоза во крвта. Шеќерната болест не претставува само заболување кое го засега метаболизмот на јаглехидратите, таа го афектира и метаболизмот на протеините и мастите.

Дијабетесот е подмолна и тиква болест која поради хроничната презистенција предизвикува нарушувања на повеќе органски системи. Многу често луѓето не се ни свесни дека живеат со дијабетес дури и неколку години пред да го откријат.

Од покачениот шеќер најмногу страдаат бубрезите (зголемената концентрација на шеќер во крвта ги уништува нефроните на бубрегот и може да доведе до хронична бубрежна слабост), крвните садови (може да доведе до кардиоваскуларни проблеми и срцев удар), очите (се развива хронична ретинопатија), нервниот систем (невропатија).

Хипергликемијата доколку не се третира може да предизвика голема штета и на други органски системи, но погоре набројаните се најчестите проблеми кои се јавуваат секундарно на покачениот шеќер во крвта.

Што е хипергликемија?

шеќер во крвта  > 7 mmol/L при гладување

шеќер во крвта  > 11,1 mmol/L два часа по оброк

Инсулинот е хормон кој се лачи од β-клетките на Лангерхансовите островца во панкреасот, тој има за задача да и “помогне” на глукозата да влезе во клетките и да се искористи за генерирање на енергија. Кога клетките се резистентни на инсулин, се оневозможува процесот на влез на глукозата внатре во клетките, што резултира со зголемување и “трупање” на концентрацијата на глукоза (шеќер) во крвта.

Инсулинот има и други функции во телото, но за тоа во некој нареден пост.

Хипергликемијата може да биде резултат на недостиг на инсулин или резистенција на клетките кон инсулинот.

Најзастапени форми на дијабетес се:

Дијабетес тип I – оваа форма на дијабетес се карактеризира со апсолутен недостаток на ендогена секреција на инсулин, недостигот на инсулин е поврзан со автоимуна деградација на β-клетките на Лангерхансовите островца (најчесто генетски предиспонирана). Формата тип I e познатa и како инсулин-зависен дијабетес или како јувенилен дијабетес. Пациентите со дијабетес тип I, во најголем број случаи се на доживотна инсулинска терапија. Оваа форма на дијабетес бидејќи е вродена потешко се третира со нутритивна терапија, но сепак промена во животните навики и стил може многу да ја подобрат состојба.

Дијабетес тип II – инсулин-независен дијабетес, се јавува како резултат на изразена инсулинска резистенција. Се развива бавно во подолг временски период, па симптомите можат да останат непрепознаени подолго време, физичката неактивност е ризик фактор за дијабетес тип II, независно од телесната тежина. Вежбањето го намалува ризикот преку подобрување на сензитивноста кон инсулинот во целиот организам. Други ризик фактори за развој на ова заболување се дебелината, фамилијарната историја, историја на гестациски дијабетес, нарушување на глукозниот метаболизам.

Постои и т.н гестациски дијабетес кој се јавува само во бременост, но и некои специфични типови на дијабетес кои се многу ретки.

Симптоми на дијабетес?

Симптомите се скоро секогаш неспецифични и токму поради тоа многу често се случува пациентите да живеат со дијабетес и неколку години и да го дијагностицираат дури откако ќе настанат други микро или макроваскуларни компликации.

Најчести симптоми кои можат да упатуваат на дијабетес се:

  • полиурија (зголемено мокрење)
  • полидипсија (зголемена жед)
  • полифагија (прекумерно земање на храна)
  • губење на телесната тежина
  • замор
  • заматен вид
  • прекумерна телесна тежина
  • рани што тешко зараснуваат.

Дијабетесот и животниот стил

Дијабетесот е болест на современото живеење и бројот на луѓе со дијабетес секоја година се повеќе расте.

Светската статистика вели дека во 1980 имало 108 милиони луѓе со дијабетес, а во 2014 оваа бројка се зголемила на 422 милиони. Овие вредности се застрашувачки имајќи ги во предвид здравствените ризици кои ги носи оваа хронична состојба.

Загрижувачки фактор е дека оваа состојба не се јавува само кај возрасната популација, туку се почесто се зафатени и помлади, а причината е лежи токму во лошиот стил на живот.

Развојот на индустријата за храна и технологијата имаат многу голем удел кога е во прашање дијабетесот. Со текот на годините луѓето внесуваат се повеќе храна и тоа во најголем дел процесирана и храна богата со прости шеќери и транс масти. Развојот на технологијата постојано ни го намалува движењето и физичката активност кај луѓето е сведена на минимум.

Промената на животниот стил, односно промена на исхраната и воведување физичка активност се најзначајни чекори кога е во прашање дијабетесот. Постојат многу студии објавени во реномирани научни списанија кои потврдуваат дека за контрола на шеќерот во крвта најголемо влијание имаат животните навики.

Фармаколошката терапија може да помогне, но не и да го реши проблемот, со нутритивна интервенција и физичка активност дијабетесот може да се стави под контрола, па дури и да се излечи.

Ова повеќе се однесува за дијабетес тип II каде инсулин се лачи, но клетките се не сензитивни за него. Статистичкиот размер дијабетес тип I, споредено со дијабетес тип II на светско ниво е 15% со 85%, така што најголем број на луѓе кои имаат дијабет имаат дијабетес тип II, кој успешно може да се третира со промена на нутритивните навики и воведување на физичка активност.

Нутритивна интервенција кај дијабетес

Нутритивната интервенција кај дијабетесот најдобро е да се прави на индивидуално ниво, затоа што сите ние сме различни индивидуи со специфични карактеристики кои влијаат на метаболизмот и на начинот на кој реагираме кога внесуваме одредена храна.

За најдобри резултати потребно е да се направи специфична нутритивна интервенција на индивидуално ниво во која ќе биде вклопена и фармаколошката терапија, односно сите лекови и суплементи кои пациентот ги зема.

Сепак, постојат одредени општи и генерализирани правила за превенција и третман на покачениот шеќер во крвта.

Препораки во исхраната

Правилната исхрана, едукацијата на пациентите и физичката активност претставуваат основен принцип при третманот на ова заболување.

Правилната и балансирана исхрана вклучува:

  • планирање на калорискиот внес
  • внесување на редовни оброци
  • балансиран внес на макронутриенти и целулозни влакна.

Вкупниот калориски внес се определува согласно телесната маса, висината, возраста на пациентот и неговата физичка активност.

Можеби ќе ве интересира: Водич за правилна исхрана

Едукацијата на пациентите е многу важна и игра клучна улога во исходот од нутритивната терапија. Таа треба да биде во насока на едукација за тоа какво е влијанието на храната врз гликемискиот и липидниот статус, како и врз вредностите за крвниот притисок.

Исхраната кај пациентите со дијабетес треба да содржи:

  • 45-60% енергија од јаглехидрати (главно сложени, со низок гликемиски индекс) – Табела со вредности за гликемиски индекс на најупотребуваните храни
  • 12-20% енергија од протеини (при хронични бубрежни заболувања протеинскиот внес треба да се ограничи на 0,8 g/kg телесна маса).
  • до 35% енергија од масти (внесот на заситени масни киселини не треба да биде повисок од 7%, а се препорачува внес на мононезаситени масни киселини)
  • диететски влакна – минимум 25 g/ден – тие ја забавуваат апсорпцијата на јаглехидратите
  • препорачано количество на сол е 6 g

Се препорачува внес на храна која има низок гликемиски индекс затоа што таа храна не предизвикува нагло покачување на нивото на глукоза во крвта.

Можеби ќе ве интересира: Зошто храната со висок гликемиски индекс дебелее и зошто прави постојано да ни се јаде?

Слатки, чоколадо, бел леб, тестенини, пецива, брза храна, газирани пијалаци, алкохол и сокови не треба воопшто да се внесуваат, тие се најголем ризик за влошување на состојбата и една од причините за појава на дијабетесот.

Храна која се препорачува да се јаде:

житарици од цело зрно – варена пченица, овес, овесни снегулки, леб и тестенини подготвени од интегрално и ‘ржано брашно;

зеленчук и мешунки – грав, грашок, леќа, боранија, свежи сезонски салати, може да се јаде и ориз и компир, но не во големи количини и многу често, добра замена на белиот ориз е интегралниот;

месо и риба – варено или динстано месо и риба – битен е начинот на подготовка (никако пржено), може да се јадат сите типови на месо, месото нема јаглехидрати така што кога е во прашање шеќерот е идеална намирници, треба да бидат внимателни оние кои имаат проблеми со бубрезите и внесот на протеини да биде намален;

јаткасти плодови – можат да се јадат како ужинка, да бидат несолени, можат да се јадат и несолени кикиритки и путер од јатки во помали количини (за ужина);

овошје – да се јаде овошје кое има помалку шеќер, како бобинки, цитруси, киви, може и јаболко, но 1-2 на ден.

Не ја заборавајте физичката активност, практикувајте да бидете активни минимум 3 пати неделно по 1 час, пешачете почесто, качувајте се по скали, движете се повеќе низ дома.

Телесната активност помага за подобрување на сензитивноста на клетките за инсулин, таа го регулира апетитот и помага за намалување на шеќерот во крвта.


Ако сте заинтересирани за вежбање, можете да го посетите нашето студио. Имаме две локации (Кисела Вода и Козле) и активности за секого. Кај нас можете да ги комбинирате термините според вашите желби и потреби.

Проверете повеќе за нас на линкот – FITLIFE STUDIO


Воведете ги овие промени во вашето секојдневие, па направете крвна слика после 2-3 месеци, ве уверувам дека ќе имате подобрување и без никаква фармаколошка терапија.

Среќно!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *