Здрава освежувачка овошна торта

Одлично слатко задоволство за сите кои сакаат овошни вкусови и не многу благи десерти. Оваа торта ќе ве освои. Јас ја подготвив од замрзнати бобинки, но мислам дека супер би била со било какво овошје, дури и свежо.

Потребни состојки:

за кората:

  • 3 јајца
  • 4 лажици кафеав шеќер
  • 5 лажици интегрално пченично брашно
  • 4 лажици маслиново масло
  • 1 кесичка пециво
  • малку ванила.

за овошниот фил:

  • 500 g замрзнато овошје по желба (јас користев мешавина од вишни, малини и јагоди)
  • 500 ml вода
  • 3 лажици кафеав шеќер
  • две кесички пудинг од ванила
  • многу малку ванила.

Начин на подготовка:

Првин ја подготвуваме кората.

Во длабок сад ги матиме јајцата и шеќерот се додека не се добие пенеста и густа смеса. Во таа смеса го додаваме маслиново масло, брашното, пецивото и ванилата и мешаме повторно со миксерот, но на најмала брзина. Добиена смеса за кора ја излеваме во кружен плех за печење и печеме 10-15 минути во загреаната рерна на температура од 180°С.

За подготовка на филот овошјето треба да го оставите да се размрзне и да пушти водичка. Потоа во него додадете ја водата и шеќерот, но од водата оставете околу 150 ml за да ги растворите пудинзите. Ставете ја овошната смеса на оган и загрејте до вриење, во водата што ја оставивте убаво растворете ги пудинзите и истурете ги во загреаното овошје. Мешајте на оган 1-2 минути дури убаво не се згусне. На крај по желба додадете малку ванила.

Истурете го овошниот фил врз претходно подготвениот и веќе оладен пандишпан и оставете ја целата торта да се излади. Одозгора по желба можете да наросите мелени лешници и кокос во прав.

На здравје!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *