Овесни банана колачиња

Споделете со пријателите

Ова требаше да биде банана лепче, но ете така случајно излегоа банана колачиња 😀

Еве што се ставив и на крај ми излегоа 24 колачиња:

  • 200 g снегулки (јас користев по 50 g од 4 вида: овесни, ‘ржани, јачменови и пченкарни) – ги ставив во блендер за да се добие брашно
  • 1 јајце (мислам дека може и без него иако јас ставив)
  • 1 банана
  • 2 лажици мед
  • ½ лажичка цејлонски цимет
  • 1 лажица чиа семе
  • 50 g путер
  • 50 g суво грозје – може и брусница или некое друго.

Подготовка:

Снегулките како што пишав погоре првин ги ставив во блендер за да станат брашно, потоа во нив го додадов чиа семето, циметот и сувото грозје. Во блендер ги ставив бананата, јајцето, путерот и медот. На крај двете смеси ги споив и бидејќи густината беше баш за колачиња решив да направам колачиња, а не банана лепче. Вадев мали топчиња и ги правев како бомбиници, а потоа ги потиснував за да се добијат кружни колачиња.

Можете да ги направите со дупче на средина и во дупчето да ставите џем.

Ги печев на хартија за печење во загреана рерна на 180˚С околу 10-15 минути (зависи колку ви е јака рерната, кај мене е ептен јака па беа готови побрзо).

На крај за да бидат уште повкусни ги валкав во чоколадо, а потоа во мелена гранола (тоа ви е опционално), мене ми беше мерак.

Бидејќи немав дома чоколадо си направив сама.

Ставив малку путер и путер од кикиритки на тивок оган да се стопат, тргнав од оган за малку да се излади, па додадов малку мед и 1 лажица какао.

Можеби така напишано звучи комплицирано, но баш е едноставно и брзо, ги правев паралелно со ручекот. Така да не се мислете и направете ги 😊 Нема да зажалите, ви гарантирам!

https://www.instagram.com/p/B0aXiX5nB43/

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *