Овесни палачинки со спанаќ

Солена варијанта на моите омилени благи Овесни палачинки со банана.

Не можете да замислите колку се вкусни за јадење.

Можете да ги подготвите и за вашите дечиња (12+) и да им ги комбинирате со хумус, месо, салата, сирење или со било кое нивно омилено јадење.

Нутритивна вредност по палачинка:

  • 107 калории
  • 8 g јаглехидрати
  • 7 g масти
  • 3.4 g протеини

Состојки (од наведените намирници јас добив 8 палачинки):

  • 1 часа овесни снегулки – ако сакате да се помазни палачинките можете во блендер да ги сомелете како брашно
  • ¼ чаша маслиново масло
  • 1 мала главица кромид
  • неколку листови спанаќ – можете да ставите и повеќе
  • 2 јајца
  • зачини по желба: сол, црн бибер, оригано.
  • ½ прашок за пециво (може да го замените со малку сода бикарбона)

Подготовка:

Јас најпрвин ги ставив во блендер овесните снегулки и направив убаво брашно од нив.

Во блендер ги соединувате и другите состојки: јајцата, маслото, спанаќот и кромидот. Кога ќе добиете убава хомогена смеса, истурете ја врз снегулките и убаво соединете.

На крај додадете го прашокот за пециво или сода бикарбоната и зачинете по ваша желба. Јас додадов хималајска сол, црн бибер и оригано.

Ги печев на загреано тавче за палачинки без масло и користев еден железен кружен калап за да имаат убава форма (што не е задолжително).

На крај можете да ги комбинирате со што сакате. Јас направив мини сендвичи со малку сенф, рендано сирење (може кашкавал), парче домат и неколку кругови пиперка.

За колку беше вкусно нема да коментирам 😊

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *