Пита со спанаќ и цели житарки

Споделете со пријателите

Балансиран појадок кој содржи цели житарки кои се одлични за супер старт на денот.

Целите житарки содржат растворливи и нерастворливи влакна кои го обложуваат гастроинтестиналниот тракт кога се консумираат, на тој начин тие ја забавуваат апсорпцијата на нутритиентите и ние подолго време остануваме сити.

Одлични се за контрола на апетитот, за слабеење и за подобрување на целокупното здравје поради богатиот нутритивен состав.

Потребни состојки:

  • 2 лажици просо
  • 2 лажици хељда
  • 2 лажици амарант
  • 2 лажици киноа
  • 6 лажици интегрално пченично брашно
  • 100 ml Баланс+ јогурт
  • 300 g обарен спанаќ
  • 3 лажици маслиново масло
  • 2 јајца
  • неколку маслинки, малку сирење и многу малку сланина
  • за одозгора: ленено семе, семки од тиква и сончоглед
  • зачини по желба.

Начин на подготовка:

Во тенџере со повеќе вода ставете ги да се варат просото, хељдата, амарантот и киноата. Добро е претходно да бидат покиснати во вода, па така покрај што ќе ја исфрлите фитинската киселина тие и побрзо ќе се сварат.

Јас секогаш кога варам житарки ставам повеќе вода, па кога ќе омекнат го фрлам вишокот и ги користам, не се врзувам со мерки 2:1 или 3:1. Ставам повеќе за да има доволно за убаво да се свари.

Кога омекнаа целосно, вишокот вода го исфрлив преку цедалка и ги оставив убаво да се исцедат. Исцедете ги убаво зошто ако остане повеќе вода можно е питата на крај да биде влажна, па да имате чувство дека не е испечена.

Инаку и да ги немате сите 4 житарки измешајте 8 лажици од што и да имате.

Во меѓувреме во блендер го ставив јајцето, јогуртот и маслиновото масло, на страна го насечкав ситно обарениот спанаќ. Дополнително изрендав малку сирење, насечкав на коцки сосема малку сланина (само за мирис) и неколку маслинки.

На крај соединив се заедно. Интегрално брашно додадов околу 6 лажици, но ќе видите согласно густината, ако е многу густо додадете помалку или пак ако гледате дека смесата е течна додадете уште 1-2 лажици плус.

Одозгора наросете со семки од тиква, сончоглед и ленено семе.

Печете ја питата во загреаната рерна на 180˚С околу 35-40 минути. Оставете ја потоа да се олади во загреаната рерна. ‘

Комбинирајте ја со чаша Баланс+ јогурт.

Совршенство е! На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *