Прашања и одговори – инстаграм

Која храна да ја избегнувам за да ми се познаваат повеќе стомачните?

Дефинитивно шеќери  и тоа: леб, тестенини, скробови, многу овошје, чоколади, слатки и слично. Шеќерите прават задршка на вода, па не прават да се чувствуваме, но и да изгледаме поддувано. Јас самата на себе си забележувам дека ако претходниот ден сум вежбала и сум јадела претежно протеини и здрави масти со малку или ич јаглехидрати, одма следното утро некако линијата на стомачните е поизразена 😊

Како успеваш бебушот да се буди навечер само еднаш?

Првиот месец имавме многу лош ред со спиењето и едноставно се прашував како јас ќе функционирам ако детето продолжи со таквото неспиење затоа што не само што се будеше, туку едноставно и не спиеше до 5 часот наутро. Но, сакајќи да ја научам на ред почнав да и воведувам ритуали кои ги  правиме секоја вечер во исто време. Тие ритуали вклучуваат бањање, играње, масажа и доење. Исто така преку ден никогаш не спие во креветчето во спална, спалната ни е исклучиво за навечер и се знае дека кога одиме таму се спие на подолго 😊

Температурата во спална е 3-4 степени пониска од таа во дневна и исклучиво спиеме во целосно темна просторија без никакви столни ламби. Исто така низ сите овие месеци сфатив дека детето спие подолго и помирно исклучиво кога е добро нахрането, а се случуваше многу често да се премори и навечер пред спиење да нема сила да ја испразни градата, ја ставам да цица, а таа заспива и се буди после само 1 час сакајќи да јаде пак, ќе повлече 2 пати и заспива повторно и само се вртиме во круг. Во таков случај кога сум сигурна дека не е добро нахранета а и кога гледам дека во градите има сеуште млеко, го молзам и и го давам од шише дури она спие. Го пие за минутка и продолжува да си спие мирно без будење. Навечер никогаш не ја пресоблекувам и кога ќе се разбуди тој еден пат да цица, што е најчесто околу 4 часот наутро, ја ставам на града без да и зборам и без да пуштам светло (имам една многу мала ламба која дава ептен придушена светлина која ми е неопходна да ја земам од креветче и да се наместиме, но потоа веднаш ја гасам). Исто така забележав дека спие немирно и се буди кога рефлексно и несвесно си ги движи рачињата, па затоа навечер со една текна тетра пелена и ги фаќам рачињата лабаво само колку да не ги движи нагло. Во текот на ноќта таа си ги извлекува затоа што не е врзана секако, но првите 2 -3 часа кога заспива и се фатени па не ги мава за да се буди од нив.

Отприлика тоа се ритуалите кои ги правиме 😊, наутро секогаш се буди во 7 часот, дали знае дека мама има утрински пилатес од 9, па мора да ја нахрани пред да оди или едноставно таков и е часовникот не сум сигурна 😊

Сум слушала дека ако доиш и вежбаш се лачат токсини во млекото, што мислиш за тоа затоа што ти доиш и вежбаш?

Тоа според мене е тотален мит кој никако, ама баш никако не држи вода. Вежбањето има многу бенефити за здравјето на мајката за време на нејзиниот доенечки стаж.

Прашањето дали се лачат токсини кога вежбаме си го поставуваме, но дали си го поставуваме прашањето дали се лачат токсини од лошата храна која ја јадеме (чоколади, грицки, конзервирана, брза храна и слично) или тоа не ни одговара, па во ред е 😊

Многу од луѓето околу мене едноставно со неверување гледаат и ме прашуваат како дојдам а толку вежбам, но вежбањето не само што не ми го намали млекото туку мислам дека дури ми стимулираше поголема продукција. Ана е четири и пол месеци и е на ексклузивно доење, напредува одлично дури и повеќе од очекуваното, вчера на контролата не смешаа мислеа дека е 6 месеци 😊.

Иако да бидам искрена бев скептична и јас како се ќе тече, сега сум веќе сигурна дека вежбање и доење се прав погодок. Мајката кога вежба се полни со позитивна енергија, среќна е, весела и едноставно таа енергија и тие позитивни чувства му ги пренесува и на бебето. Среќна мајка – среќно дете!

На втората контрола кога го прашав педијатарот дали ќе биде проблем за млекото затоа што ќе почнам со тренинзи, тој само ми одговори “Вежбај мајка, само не се спремај за Олимпијада 😊”. Сега се подготвувам и за полумаратонската трка од 21 km за маратонот во Скопје и еднаш неделно покрај вежбањето секој ден, правам подолго трчање. Не бев сигурна дали ќе ми смета на градите и на продукцијата на млеко, но сепак се е во ред и без проблем минатата недела си истрчав 10 km. Но, би напоменала дека и вежбањето и трчањето ги правам со исклучиво празни гради или бебето цица пред да одам или пак се измолзувам.

Која е цената за вежбање кај вас?

Цената за вежбање кај нас зависи од тоа колку часа неделно вежбате. За два часа неделно цената е 1000 денари без разлика дали е аеробик или пилатес, дури можете еден час да е аеробик а другиот пилатес, 3 часа се 1200, 4 се 1400, 5 се 1600 и 6 часа неделно се 1800 денари. 3 часа неделно утрински пилатес се 1000 денари, а 2 часа утрински пилатес се 800 денари.

Имаме и некои промотивни пакети доколку се платат 2 или 3 месеци однапред и тие ни важат постојано.

Што е најдобро да јадам после вежбање?

Мој совет за оброк после тренинг е некој здрав и полновреден протеин со салата. Мислам дека таквиот оброк најдобро ги регенерира мускулите, иако каков би требало да е оброкот зависи од тоа какви резултати сакате да постигнете со вежбањето. Јајце со салата, парче месо и салата или туна и салата е најчестиот оброк што јас го јадам после тренинг.

Можеби ќе ве интересира: Што се случува со телото кога не јадете после вежбање?

Колку време пред вежбање е најдобро да се јаде?

Најдобро е да јадете 2-3 часа пред вежбање и тоа да биде оброк кој ќе изобилува со сложени јаглехидрати или пак со протеини.

Доколку јадете храна со сложени јаглехидрати или пак храна која содржи протеини 1 час пред вежбање ќе се чувствувате надуено и нема да имате енергија затоа што храната нема да биде во целост обработена од телото.

Ако сметате дека ќе немате енергија да го издржите тренингот или пак ако вежбате кардио тренинг внесете во телото храна која содржи брзи шеќери. Изедете 1 ред чоколадо, 1 банана или пак некоја друга овошка околу 1 час или 30 минути пред тренинг. Оваа храна ќе ви даде инстант енергија и ќе ви овозможи полесно да го издржите вежбањето.

Јас искрено најмногу енергија и најубави тренинзи имам кога вежбам на гладно, иснулинот што се лачи после внесување на оброк ме прави да се чувствувам летаргично и ми ја намалува енергијата, па затоа практикувам минимум 3 до 4 часа пред тренинг да не јадам. Кога вежбам наутро пијам само кафе и одам да вежбам.

Имам сколиоза, дали пилатесот може да ми помогне?

Секако дека ДА, пилатесот е активност која пред се има терапевтски ефект, но доколку вежбите се прават правилно и доколку се практикува подолг период.

Ефектите од пилатесот се забележуваат за брзо, но за да го одржувате телото секако дека е потребен континуитет. Пилатес вежбите можат да помогнат за намалување на болките во грбот и искривеноста во ‘рбетот доколку се прават правилно.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *