Проја мафини за бебе (9+)

Мислам дека многу мајки бараат идеи за вечера за нивните бебиња/деца. Еве едни предлог мафини кои можат да се направат за бебиња 9+, а со цело јајце и за поголеми деца.

Од количина на намирници излистани подолу јас добив 6 мафини.

Искрено намерно ставив помала количина од се затоа што планирани ми беа да бидат само за Ана.

Можете да ги комбинирате со јогурт или кисело млеко. Убави се топли, но и ладни се баш вкусни 😊

Еве ги состојките:

  • 1 мала чаша пченкарно брашно
  • 1 мала чаша мелени овесни снегулки
  • 1 жолчка
  • 20 g несолен путер (стопен на пареа)
  • неколку листови обарена блитва
  • малку рендана тиквица (исцедена од водата)
  • 1 рендан морков
  • 2 лажици полномасно кисело млеко
  • 30 g рендана несолена моцарела
  • многу малку вода (само да се дотера густината).

Начин на подготовка:

Тиквицата, морковот, моцарелата, путерот, блитвата, киселото млеко и жолчката ги соединувате заедно во длабок сад. Во друг сад ги мешате пченкарното брашно и овесните снегулки. На крај ги соединувате двете смеси и ги ставате во калапчиња за мафини.

Јас печев во air fryer околу 12 минути на 200˚С.

Нова алатка во кујната ми е 😊 го добивме на поклон па сега за се живо го користам, но одличен е навистина. Можете било што да печете во него без масло. Вчера правев ќофтиња, печев месо, помфрит и се тоа без масло за помалку од 15 минути. Навистина е практично, а и храната е превкусна. Брзо се чисти и нема хаос низ кујна, а и не ти мириса цела куќа како што мириса кога печам во рерна.

Ако би печеле во рерна би требало да печете на 180-200˚С околу 20-тина минути.

Со сол и зачини одлични се и за големи 😊

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *