Вкусна кашичка со тиква, просо и јаболко (6+)

Одлична и вкусна комбинација на намирници за вашето малечко. Просото е одлична житарица која е полна со протеини, железо, калциум, но и со растителни влакна кои се добри за полесно празнење на цревата.

Тиквата и јаболкото пак од друга страна се одличен извор на витамин А.

После 6-тиот месец кај бебињата многу често се јавува железо-дефицитарна анемија, причината е затоа што концентрацијата на железото во мајчиното млеко е ниска и недволна за потребите на бебето, исто така после 6-тиот месец доаѓа до исцрпување на резервите на железо кои бебето ги има после раѓањето.

На сликата подолу може да се видат потребите за железо кај новороденчиња, количината на железо која ја добива бебето од мајчиното млеко и резервите кои ги има после раѓањето во однос на месеците – Извадок од WHO Complementary feeding: Family foods for breastfed children.

Железото има најголема биорасположливост кога го внесува со продукти од животинско потекло, најдобро од месото, но кога се мали бебиња во прашање, малку сме ограничени со внесот на продукти од животинско потекло.

Во првите 6 до 8 месеци кога бебето започнува со храна не е препорачливо да се даваат продукти од животинско потекло, со цел избегнување на алергиски реакции.

Во тој период за да се задоволат потребите од железо кај бебето најдобро е да се внесуваат продукти од растително потекло кои имаат поголем процент на железо. Просото е една од тие намирници, исто така и амарнатот, киноата, зелениот лиснат зеленчук (спанаќ и блитва – можете да ги давате на вашите бебиња со наполнети 7 месеци), сливите.

Оваа кашичка кај нас се изеде многу набрзина, комбинацијата од овие вкусови е навистина одлична и лесно прифатлива за вашето бебе.

Состојки:

  • 2 лажички просо
  • 4-5 коцки тиква (јас користев замрзната)
  • 1 помало јаболко
  • по потреба малку мајчино или АД млеко (ако кашичка е многу густа).

Подготовка:

Просото се покиснува во вода, јас го оставам да стои цела ноќ. Потоа ја фрлате водата во која се киснело и додавате нова вода, односот треба да биде 1:3, затоа што доста упива. Го варите околу 10-тина минути дури целосно не омекне.

Тиквата и јаболкото се подготвуваат на пареа. Тиквата што ја имам јас е замрзната свежа тиква насечкана на коцки (затоа што ги нема преку цела година, ова е најсоодветен начин да ја зачувате и да ја имате во секое време за вашето малечко). Може да стои во замрзнувач од 3 до 6 месеци.

На крај омекнатите тиква и јаболко заедно со свареното просо ги ставате во блендер или пак можете да ги соедините со виљушка ако бебето прифаќа да јаде такви кашички.

На здравје бебенце!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *