‘Ржани путер колачиња со лаванда

Eкстра лесни за подготовка, од само 3 состојки затоа што лавандата е опционална, ако ви е тежок мирисот можете да ја замените со цимет или пак ѓумбир во прав.

Лаванда до сега сум ја користела само во козметички цели, но вчера мајка ми случајно спомна дека некогаш правела некакви колачи со лаванда кои биле предобри.

Ги засукав ракавите да видам дали стварно ќе бидат убави 😊

Се уверив 100%!

Крцкави, ароматични и неодоливи, а користев само три состојки и лаванда. Еве го рецептот.

Состојки:

  • 300 g ‘ржано брашно
  • 150 g путер
  • 3 лажици мед (можете да го замените и со кафеав шеќер)
  • лаванда (околу 1 лажица свежи ливчиња лаванда).

Подготовка:

Путерот и медот ги измешав со миксер за да се соединат убаво, потоа полека го додавав брашното и ливчињата лаванда. Кога убаво се споија сите состојки направив едно големо топче и го оставив во фрижидер околу 1 час. Потоа со сукало извлеков тенка кора и со мали калапчиња за колачи извадив форми.

Печев многу кратко околу 10-12 минути на 170-180˚ С.

Од оваа количина на намирници јас добив околу 40 колачиња.

Нутритивни вредности по колаче:

  • 56.4 калории
  • 1 g протеини
  • 3.2 g масти
  • 6.5 g јаглехидрати

Навистина се лесни, а предобри, ве предизвикувам да ги направите!

Доброто е тоа што се суви, па можете да си направите поголема количина и да си имате за повеќе денови. Одлични се за појадок заедно со кафе, но и онака за енергија низ денот.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *