Ќофтиња од азуки грав

Ако немате идеја за ручек, ние имаме одличен предлог – Ќофтиња од азуки грав. Одлични се во комбинација со динстан зеленчук.

Потребни состојки:

  • 1 чаша сварен азуки грав
  • 2 јајца
  • ½ тиквичка
  • 1 главица кромид
  • 2-3 чешниња лук
  • малку хималајска сол
  • зачини по желба (оригано, црн бибер и куркума).

Начин на подготовка:

Азуки гравот, најпрвин мора да го сварите. Ставете го да се вари на тивко со поголема количина на вода. Потребното време за варење е околу 40-тина минути, но сепак проверувајте, готов е кога целосно ќе омекне.

Кога ќе биде готов азуки гравот, ставете го во блендер или изгмечете го со алатка за пире. Потребно е да добиете густа смеса.

Во изгмечениот грав додадете ги јајцата, изренданата тиквичка (откако ќе ја изрендате, оставете ја 2-3 минути да и излезе водата и на крај процедете ја), изренданата главица кромид, ситно исечканиот лук, малку хималајска сол и зачини кои вие ги сакате. Јас додадов оригано, црн бибер и куркума. Убаво соединете ја смесата и формирајте ќофтиња.

Во тавче на оган кое не лепи додадете 2 лажици маслиново масло и почекајте убаво да се загрее. Пржете ги ќофтињата дури убаво не заруменат и од двете страни. На крај ставете ги на хартија за да ја впијат маснотијата.

Друга опција доколку не сакате да ги пржите е да ставите малку маслиново масло во смесата и да ги печете во рерна на 220°С околу 20-30 минути (на хартија за печење).

Овие ќофтиња се совршени за ручек во комбинацијата со динстан зеленчук (броколи, карфиол и морков).

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *