Сладок компир и јаболко (6+)

Подготвувајте им ги првите оброци на вашите најмали дома, не користете готови кашички (освен во ситуации кога мора), така ќе го научите детето да јаде домашна храна уште од мали нозе. Многу е битно уште од најмала возраст да се постават здравите навики кои низ годините само ќе се одржуваат.

Здраво дете, значи среќно дете, а здравјето во најголема мера доаѓа од нашите навики и од храната што ја внесуваме.


Многу одамна сакав да споделувам рецепти за деца, но некако не бев компетента затоа што немав дете. Ана за 2 дена ќе полни 6 месеци, па полека почнавме да се учиме на храна и вкусови. Воведувањето на храна кај бебињата бара навистина големо трпение, но и соодветна едукација, што, кога, колку и како да воведеме и дадеме.

Групата Здрава храна здрави деца  и одличната книга и апликација Бебе Готвач се најдобриот производ и најкорисната алатка за сите нови мами (барем мене ми беа од голема помош).

Јас на мојот сајт во периодот што следи ќе се обидам да ви споделувам некои рецепти кои не ги најдов таму и креации кои сигурна сум дека ќе излезат како што ќе се зголемува листата на воведени намириници и како што Ана ќе расте.

Дополнително, бидејќи веќе и од друг аспект и “влегов” на храната како иден магистер по Диететика и Диетотерапија, се повеќе се фокусирам на нутритивниот квалитет на намирниците и нивно правилно искористување во оброците.

Се надевам дека новата рубрика Рецепти за бебе, ќе биде од помош на многу мами и ќе им даде идеи што вкусно и здраво да им подготвуваат на нивните бебушки.


Првата кашичка што ќе ја споделам е комбинација од зеленчук и овошје (јаболко и сладок компир). Јаболкото е одличен извор на витамин Ц, додека пак слаткиот компир е извонредна намирница која изобилува со витамин А, но содржи и витамин Б6, магнезиум и калциум.

Состојки:

  • 1 мало јаболко или пак ½ доколку е поголемо
  • 2-3 тркалца сладок компир

Подготовка:

И јаболкото и компирот ги сечкате на коцки и ги подготвувате на пареа околу 10-15 минути дури целосно не омекнат.

Потоа ги ставате во блендер и мешате кратко само да се хомогенизира смесата. Доколку кашичката ви изгледа многу густо тогаш додадете малку вода или пак мајчино или АД млеко.

Опционално доколку сте вовеле кокосово масло, можете да додадете и ¼ лажичка кокосово масло.

*Зошто е подобро да се готви на пареа? Затоа што кога се готви на пареа се зачувуваат хидросолубилните витамини односно витамините од групата Б и витаминот Ц кои доколку ја вариме хранта би се раствориле и нивната концентрација значајно би се намалила.

Од оваа количина на намирници ќе добиете околу 100-110 g детска кашичка, што е сосема доволно за овој период.

На здравје бебенце!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *